„Пурпурна имагинација“ на Сафет Спахиу во Чифте амам

Изложбата на уметникот и професор Сафет Спахиу ќе биде отворена на 11 ноември во Националната галерија.

Во вторник, 11 ноември 2025 година, со почеток во 19 часот, во Чифте амам при Националната галерија на Македонија, ќе биде отворена самостојната изложба на ликовниот уметник и редовен професор на Државниот универзитет во Тетово, Сафет Спахиу, под наслов „Пурпурна имагинација“.

На отворањето ќе се обрати директорот на Националната галерија, Али Синани, а изложбата ќе ја курира Маја Крстевска, виш кустос. Публиката ќе може да ја посети изложбата до 24 ноември 2025 година.

Ќе бидат изложени педесет дела од најновиот циклус на авторот, изработени во комбинирана техника, кои ја претставуваат неговата творечка еволуција низ поетски кругови и естетска дисциплина.

Како што наведува кустосот Маја Крстевска, изложбата „Боја на пурпурот“ го открива патот на Спахиу низ „поетични кругови на индивидуален израз“, при што пурпурната боја станува симбол и медиум на неговата уметничка идеја. Комплексната содржина е визуализирана преку експресивен тоналитет и наративни симболи, создавајќи впечаток на интимна рефлексија.

Со студиозно обликување и прецизна композиција, авторот го претвора секој потег во поетски запис. Силните контрасти и употребата на полутонови го оддалечуваат делото од секојдневието, создавајќи простор за созерцание и духовен контакт со публиката.

Спахиу ја демонстрира својата посветеност кон необични, имагинарни и поетски визии, во кои личното искуство се претвора во универзален симбол. Преку интензивната употреба на пурпурот и неговите нијанси, тој создава хармоничен премин меѓу реалноста и имагинацијата.

„Со својот современ пристап, Спахиу успева да постигне стилски и уметнички баланс, при што пурпурната боја станува носител на мислата, чувството и визуелниот ритам,“ вели Крстевска.

Во делата се забележува фокусираност на експресивноста и духовната симболика, при што уметникот пренесува поетска импресија како универзална порака. Преку преплет на бои, движење и композиција, тој ни ги открива своите внатрешни визии и доживувања на надворешниот свет.

„Спахиу со леснотија и прецизност ја обликува поетичната пурпурна, апстрактно експресионистички ја втемелува како основен принцип и ја задржува виталноста на композицијата,“ додава Крстевска.

Сафет Спахиу е роден во Призрен во 1960 година, а од 1994 живее и работи во Гостивар. Дипломирал на Факултетот за уметности во Приштина (1985), на отсекот графички дизајн во класата на проф. Шиќри Нимани, кај кого и магистрирал во 2000 година.

Зад себе има богата биографија со самостојни изложби во Призрен, Гостивар, Скопје, Пула, Истанбул и Њујорк, како и учество на бројни групни изложби во Косово, Албанија, Хрватска, Германија, Франција, Турција, Аргентина, САД, Јужна Кореја и ОАЕ.

Добитник е на повеќе награди, меѓу кои: „Flaka e Janarit“ (1995, Гнилане), „Арс Албаника“ (2000, Приштина, „Ноемвриска награда“ (2010, ДЛУМ), „Глобален натпревар на уметноста“ (2012, Приштина)
како и признанија за педагошки и уметнички придонес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни