Саемот на книга 2024 под слоганот„Приказна се чита“

Социјалните мрежи често се причината поради која остануваме информирани, но често добиваат лоша репутација како „дистракции“ кои ни го одземаат времето со скролање, читање бескорисни објави и листање мемиња. Но, потенцијалот сепак постои за да ги претвориме нашите профили и присуството на интернет во нешто корисно од кое можеме да научиме многу. Токму ова е идејата зад пораката на овогодинешното издание на Саем на книга, кое ќе се одржи од 18ти до 24ти април во Арената Борис Трајковски во Скопје.

Слоганот „Приказна се чита“ прави поврзаност помеѓу опцијата за објавување „стори“ (eng. story = приказна) на социјалните мрежи со приказните кои ги бараме во литературата и кои се раскажани во нашите омилени книги. На тој начин, Саемот се обидува да испише една нова страница во постоењето, приближувајќи се до новата генерација и новиот стил на живот преку јазик и жаргон препознатлив за модерното време.

Животот значително ни се промени откако ги имаме социјалните мрежи, тоа е факт. Често тие се предмет на критика и се поврзуваат со негативниот наратив дека поради нив луѓето социјално се изолираат и стануваат опседнати со следната светкава работа која ќе им ја донесе алгоритмот. Но, помислете и на другата страна: колкупати сте виделе добра препорака за филм или музика, токму преку вашите профили на социјалните мрежи. Колку често дознавате за настаните кои се одржуваат околу вас, благодарение на Фејсбук, Инстаграм, Твитер…? Добрата страна на социјалните мрежи е тоа што ние бираме како ќе ги користиме и што ќе извлечеме од нив. Пораката на Саемот оваа година се обидува да ја искористи моќта на интернетот и социјалните мрежи за да создаде мост помеѓу книгите и љубителите на пишаниот збор, со цел да ја направи литературата и уметноста достапна за сите и да ги упати луѓето кон Саемот.

Организаторите на Саемот велат дека внимателно избраната комуникација со носечката порака „Приказна се чита“ има за цел да го привлече вниманието на помладата популација и да го „сруши“ митот дека социјалните мрежи се користат исклучително за негативни работи. И оваа година се очекува голем број на дечиња да го посетат Саемот на книга преку организираните групни училишни посети, кои традиционално претставуваат дел од овој настан и ја полнат саемската сала со млади, љубопитни очиња кои ги избираат нивните први книжевни авантури.

Како и претходните години, практично сите издавачи и автори од Македонија ќе ги претстават своите дела пред посетителите, а Саемот ќе биде надополнет и со повеќе издавачи од регионот, како Србија, Турција, Албанија, Косово итн.

За време на саемските денови, посетителите ќе имаат можност да погледнат голема колекција на нови и постари наслови, книги од домашни и странски автори, како и уникатни печатени изданија кои ќе можат да се најдат ексклузивно на Саемот за книга 2024. Организаторите најавуваат средби со автори, промоции и попусти, а ќе биде претставена и богата програма за деца и млади со која најмладите посетители ќе можат да уживаат во светот на книгите.

Традиционално, Министерството за култура на РСМ го поддржува Саемот на книгата во својство на Покровител, како најголема книжевна манифестација во земјата. Вратите на Саемот на книга 2024 ќе се отворат во четврток на 18ти април и ќе бидат отворени секој ден од 10:00 до 20:00 часот, до среда 24ти април. Билети можат да се најдат на влезот на Саемот, како и онлајн преку www.karti.com.mk.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни