Саем за образование во Скопје: 12 универзитети и над 120 факултети на едно место

Во „Скопје сити мол“ се одржува Саем на образование и кариера со учество на 12 универзитети и компании. Настанот е наменет за матуранти и студенти.

На вториот кат во ТЦ „Скопје сити мол“ денеска и утре, од 11 до 16 часот, се одржува 3. Саем на образование и кариера во организација на платформата „Студентарија“. На настанот учествуваат 12 универзитети од земјава, јавни и приватни, со повеќе од 120 факултети.

Саемот е наменет првенствено за матуранти кои треба да одлучат каде ќе го продолжат образованието, но и за студенти заинтересирани за постдипломски студии, преквалификација, пракса или вработување.

Организаторите посочуваат дека целта е на едно место да се поврзат младите, образованието и бизнис-секторот, при што универзитетите ги презентираат студиските програми, стипендиите и условите за студирање, а компаниите ги претставуваат можностите за кариерен развој.

Настанот го посети и министерката за образование Весна Јаневска, која истакна дека саемот нуди директна комуникација меѓу младите и институциите, како и поврзување со работодавачите.

Меѓу најбараните факултети традиционално е ФИНКИ, каде што, според претставниците, студентите често се вработуваат уште за време на студиите. Се претставува и Воената академија, која има посебни услови за упис и четиригодишна програма по која студентите се промовираат во чин потпоручник.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни