Денеска во просториите на Skopje City Mall (втор кат) се одржува третото издание на Саемот за образование и кариера 2026 – централен национален настан што ги поврзува младите, образовните институции и компаниите.
Настанот е во организација на Студентарија и Skopje City Mall. На отворањето ќе присуствува министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која ќе ги поздрави присутните и ќе ги посети штандовите на учесниците.
Оваа година на саемот учествуваат 12 универзитети со над 100 факултети од Македонија, како и академии за дигитални и современи професии. Дел од настанот се и компании што нудат можности за пракса, вработување и професионален развој, со што се создава директна врска меѓу образованието и пазарот на труд.
Саемот е наменет за матуранти, студенти и родители, со цел младите да добијат релевантни информации и да разговараат лице в лице со претставници на високообразовни институции и бизнис-секторот, пред да донесат одлука за својата академска и професионална иднина.
Програмата вклучува и панел-дискусии и работилници за кариерно советување, како и развој на вештини што се барани на современиот пазар на труд, со фокус на практични насоки и информирано планирање на кариерата.