Во Скопје отворен е Саемот на мебел 2026

Повеќе од 70 брендови се претставуваат на Саемот на мебел 2026, кој до 29 март носи нови идеи, трендови и решенија за уредување на домот.

Од денеска, 25 март, па до 29 март, во комплексот „Борис Трајковски“ се одржува Саемот на мебел 2026, кој годинава настапува под слоганот „Инспирација за секој ден“. На саемот се претставени повеќе од 70 брендови, со внимателно осмислени штандови што ги прикажуваат најновите трендови, иновативни решенија и современи концепти за уредување на домот.

Саемот носи разновидна понуда од областа на домувањето, дизајнот и ентериерните решенија и е наменет за сите што бараат идеи за пофункционален, поестетски и поудобен животен простор. Посетителите ќе можат да разгледаат мебел, производи за домот и различни пристапи кон уредување на ентериерот, со можност да се инспирираат од креативните концепти на изложувачите.

Организаторите очекуваат повеќе од 15.000 посетители во текот на петте саемски денови, што уште еднаш го потврдува значењето на оваа манифестација како простор за поврзување меѓу бизнис-заедницата и потрошувачите.

Саемот е отворен секој ден од 10 до 20 часот. Цената на билетот е 150 денари, додека за деца до 12 години, во придружба на родител, влезот е бесплатен. Со секоја влезница следува и ваучер за бесплатно кафе од Saccaria.

Партнер на Саемот на мебел 2026 е Комерцијална банка, која ја поддржува оваа платформа посветена на дизајнот, иновациите и современото живеење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни