Под слоганот „Светот во страници“, на платото пред Народниот театар во Битола свечено беше отворен Саемот на книги, како дел од културната манифестација Битфест 2025. Љубителите на книгата ќе можат да уживаат во богат избор на литературни наслови до 1 август, кога саемот ќе биде отворен за посетители.
Со свои штандови се претставуваат седум издавачки куќи и институции: „Бата прес“, „Антолог“, „Прозарт медиа“, „Топер“, „Матица македонска“, „Збор“ и НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. Понудата на саемот опфаќа литература за сите возрасти – од сликовници и книги за деца, до наслови за најпребирливите читатели.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање до присутните рече дека читањето е патување кон себе, кон научните сознанија и кон непознати светови што ги отвора книгата. Тој ја нагласи улогата на НУУБ „Св. Климент Охридски“ во ширењето на љубовта кон пишаниот збор, особено меѓу младите.
Пред публиката се обрати и директорката на библиотеката, Емилија Стефановска Давкова, која ги повика граѓаните да го посетат саемот и да искористат можноста да набават книги по поповолни, саемски цени.