Соединетите Американски Држави успешно запленија нафтен танкер поврзан со Венецуела, по потера што траеше повеќе од две недели низ Атлантскиот Океан, по што следуваше остра реакција од Москва.
Руското Министерство за транспорт соопшти дека заплената на бродот „Маринера“ претставува сериозно кршење на меѓународното поморско право. Во соопштението се наведува дека Русија му издала на бродот привремена дозвола, на Бадник, со која му било овозможено да плови под знамето на Руската Федерација, во согласност со руското законодавство и меѓународните прописи, пренесува Sky News.
Според руските власти, околу 15 часот по московско време, бродот бил пресретнат и на него се качиле припадници на американската морнарица на отворено море, надвор од територијалните води на која било држава, по што бил изгубен контакт со екипажот.
„Според Конвенцијата на Обединетите нации за поморско право од 1982 година, на отворено море важи слободата на пловидба и ниту една држава нема право да употреби сила против брод кој е законски регистриран под јурисдикција на друга држава“, се наведува во соопштението.
Во меѓувреме, руското Министерство за надворешни работи побара од САД да обезбедат „хумано и достоинствено постапување“ кон руските државјани кои се наоѓаат на бродот „Маринера“, како и да не го попречуваат нивното брзо враќање во Русија, објави државната агенција ТАСС.
Москва, исто така, соопшти дека внимателно ги следи информациите за присуството на американски војници на танкерот.
„Отворено пиратство“
Заплената на танкерот беше остро осудена и од висок функционер од партијата на рускиот претседател Владимир Путин. Членот на Горниот дом на рускиот парламент, Андреј Клишас, изјави дека станува збор за чин на „отворено пиратство“.
Клишас беше еден од клучните актери во уставните измени од 2020 година, со кои на Путин му беше овозможено да остане на власт и по истекот на претходните мандатни ограничувања.
