Федералната комисија за комуникации на Соединетите Американски Држави (FCC) во понеделникот објави забрана за нови дронови произведени во странство, потег што ќе ги исфрли од американскиот пазар кинеските производители, меѓу кои и водечките компании DJI и Autel. Одлуката е донесена поради, како што се наведува, „неприфатливи ризици за националната безбедност“, пишува Euronews.
Овој чекор следува по законот за одбрана што Конгресот го усвои минатата година, а кој ја засили загриженоста во врска со дроновите од кинеско производство. Тие летала станаа доминантни во САД и широко се користат во земјоделството, мапирањето, филмската индустрија, како и во работата на полицијата.
DJI, со седиште во Шенжен, е најголемиот производител на дронови во светот и држи речиси 80 проценти од американскиот пазар на комерцијални дронови, според податоците на Drone Industry Insights. Неговиот најблизок конкурент е Autel, кој значително заостанува по пазарен удел.
Ризик за националната безбедност
Ревизијата на американската влада утврдила дека сите дронови и клучни компоненти произведени во странство – не само во Кина – претставуваат неприфатлив ризик за националната безбедност на САД, како и за безбедноста и заштитата на американските граѓани.
Сепак, FCC остави можност за исклучоци за одредени дронови или компоненти доколку Пентагон или Министерството за внатрешна безбедност проценат дека тие не претставуваат таков ризик.
Како дополнителна причина за итно справување со потенцијалните закани, FCC ги наведе и претстојните големи настани, како Светското првенство во фудбал 2026, 250-годишнината од независноста на САД (America250) и Летните олимписки игри 2028 во Лос Анџелес, нагласувајќи ја опасноста од нивна злоупотреба од страна на „криминалци, непријателски странски актери и терористи“.
Повик за зајакнување на домашното производство
Мајкл Робинс, претседател и извршен директор на Здружението за меѓународни беспилотни системи (AUVSI), ја поздрави одлуката. Тој истакна дека е време САД не само да ја намалат зависноста од Кина, туку и да изградат сопствена индустрија за дронови.
„Неодамнешната историја покажува зошто Соединетите Држави мора да го зголемат домашното производство на дронови и да ги обезбедат своите синџири на снабдување“, изјави Робинс, посочувајќи ја подготвеноста на Пекинг да го ограничи извозот на клучни суровини, како што се ретките земни метали, за да ги оствари своите стратешки интереси.
DJI: „Одлуката е разочарувачка“
Од компанијата DJI соопштија дека се разочарани од одлуката на FCC.
„Иако DJI не е директно посочен, не се објавени никакви информации за тоа кои податоци ги користела Извршната власт при донесувањето на оваа одлука“, се наведува во нивното соопштение. „Загриженоста околу безбедноста на податоците на DJI не се заснова на докази, туку претставува протекционизам, спротивен на принципите на отворениот пазар“, додава компанијата.
Поделени реакции меѓу корисниците
Американските професионалци кои во своето работење се потпираат на странски дронови изразија загриженост дека новата политика ќе им нанесе штета на бизнисите. Џин Робинсон од Тексас поседува флота од девет DJI дронови кои ги користи за обука на полициски сили и за форензички анализи.
Тој изјави дека новите ограничувања ќе му наштетат нему и на многумина други кои се потпирале на кинеските дронови поради нивната разновидност, високи перформанси и пристапни цени.
Сепак, додаде дека ја разбира одлуката и се пожали дека САД ја препуштиле производството на Кина. „Сега ја плаќаме цената“, рече Робинсон. „За да се вратиме таму каде што имавме независност, ќе има тешкотии. Мора да го прифатиме тоа и да не дозволиме да се повтори.“
Од друга страна, Артур Ериксон, исто така од Тексас, коосновач и директор на компанијата за производство на дронови Hylio, смета дека заминувањето на DJI ќе обезбеди неопходен простор за раст на американските компании како неговата. Тој вели дека веќе пристигнуваат нови инвестиции за зголемување на производството на дронови за прскање на посеви, што на крај ќе доведе и до пониски цени.
Сепак, Ериксон проширувањето на забраната на сите странски дронови и компоненти го нарече „лудо“ и „неочекувано“.
„Начинот на кој е напишано е премногу општ“, рече тој. „Постои глобален сојузнички синџир на снабдување. Се надевам дека ова ќе биде појаснето.“