САД вршат притисок Украина да се откаже од Донбас

Мировните разговори меѓу САД и Украина влегоа во ќор-сокак поради едно клучно прашање: дали Украина треба да се откаже од делови од Донбас, регион што руските сили не успеаја да го освојат за повеќе од три години војна.

Според пишувањата на Политико, американскиот притисок врз Киев да направи значителни територијални отстапки станува најголемата пречка за постигнување договор.

Европски дипломат запознаен со преговорите објаснува дека Вашингтон ја гледа територијата како отворена точка за компромис. „Русија бара Украина да се откаже од дел од територијата, а Американците постојано бараат начин тоа да се спроведе,“ вели тој, додавајќи дека во американските предлози фактички се подразбира напуштање на Донбас. Киев, пак, инсистира секој договор да ги замрзне сегашните линии на фронтот, при што Украина сè уште контролира околу 30 проценти од регионот.

Тензиите дополнително растат поради изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој отворено ја изрази својата фрустрација од украинскиот претседател Володимир Зеленски. На настан во Вашингтон, Трамп изјави дека Русија „би сакала да ја има целата земја“, но дека наводно би прифатила американски план додавајќи дека не е сигурен дали Зеленски се согласува, бидејќи „не го прочитал“. Зеленски не ги коментираше овие зборови, но потврди за Блумберг дека околу истокот на земјата не е постигната согласност.

Украина предупредува дека давање на Путин нешто што не успеал да го освои со сила би имало опасни последици, не само за Донбас, туку за поширокиот регион. Според Киев, предавањето на клучните градови Краматорск и Славјанск, со повеќе од 100.000 жители, би можело да ја отвори вратата за нови руски офанзиви кон Дњепропетровск, Запорожје и Харков. Зеленски веќе предупреди дека Москва би можела да се охрабри да продолжи со агресијата, гледајќи ја територијалната отстапка како слабост.

Преговарачите од украинска страна, исто така, се чувствуваат под притисок од забрзаното темпо што го форсира Вашингтон. Според европскиот функционер, можно е и Трамп да бара побрз напредок, што создава страв дека американскиот тим се обидува да го задоволи неговото нетрпение.

Стратешките влогови се огромни. Рускиот претседател Владимир Путин неодамна изјави дека Донбас „во секој случај“ ќе биде руската цел. Зеленски, пак, смета дека Русија би ѝ требале уште четири години за целосна окупација на регионот но дека секоја отстапка може драматично да ја забрза таа цел.

Украина, освен јасна позиција од Вашингтон околу територијата, очекува и одговор на друго клучно прашање: какви безбедносни гаранции САД навистина се подготвени да обезбедат доколку дојде до мировен договор. Според европскиот дипломат, тоа ќе биде пресудно за Киев пред да прифати било каков компромис.

Извор: Независен

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни