САД воведуваат санкции за двајца судии на МКС поради постапките поврзани со Израел

Соединетите Американски Држави воведоа санкции за двајца судии на Меѓународниот кривичен суд (МКС), обвинувајќи ги дека преземале чекори насочени против Израел, со што бројот на високи судски функционери под американски санкции се искачи на 11, соопшти денеска американскиот државен секретар Марко Рубио.

Рубио изјави дека санкциите се изречени против судиите Гоча Лордкипанидзе од Грузија и Ерденебалсурен Дамдин од Монголија, врз основа на Извршната уредба 14203, која претседателот Доналд Трамп ја потпиша во февруари и со која се овозможува санкционирање на МКС.

„Овие лица директно учествуваа во напорите на МКС да истражува, апси, притвора или гони израелски државјани без согласност на Израел“, наведе Рубио во писменото соопштение.

Санкциите се поврзани со улогата на двајцата судии во одлуката да се одбијат дел од правните приговори поднесени од Израел против истрагата на МКС за наводни воени злосторства во Појасот Газа. Судскиот панел, во кој тие учествувале, одлучил да не ја поништи одлуката на понискиот суд со која се дозволува истрагата на обвинителството да ги опфати и настаните по нападот на палестинската милитантна група Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Меѓународниот кривичен суд остро реагираше на новиот круг американски санкции, кои се четврти оваа година. Во соопштение, Судот оцени дека станува збор за „флагрантен напад врз независноста на непристрасна правосудна институција“ и предупреди дека ваквите мерки го загрозуваат меѓународниот правен поредок.

И САД и Израел не се членки на МКС, но палестинските територии се примени како држава членка во 2015 година. Минатата година, Судот издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, поради сомнежи за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа, вклучително и користење на гладот како средство на војување.

Санкциите што САД ги воведоа во февруари предвидуваат замрзнување на имотот во американска надлежност на лицата на листата и забрана за влез во САД за нив и за членовите на нивните семејства.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни