Соединетите Американски Држави го зголемуваат притисокот врз Венецуела со воведување нови санкции, кои меѓу другото ги таргетираат и тројцата внуци на претседателот Николас Мадуро. Двајца од нив претходно беа осудени во САД за трговија со дрога, но подоцна беа ослободени во размена на затвореници, пишува CNN.
Покрај членовите на семејството Мадуро, Вашингтон го насочува ударот и кон клучниот венецуелски нафтен сектор. Санкциите се воведени против панамски бизнисмен и шест поморски компании за кои се тврди дека превезувале венецуелска нафта. Американското Министерство за финансии идентификуваше и шест пловила кои, како што наведуваат, учествувале во „измамни и небезбедни бродски практики“ со цел да го финансираат режимот на Мадуро.
Напнатост по заплената на танкерот
Новите мерки доаѓаат само еден ден по заплената на танкер за нафта во близина на брегот на Венецуела, што дополнително ги заостри односите. Главната обвинителка Пам Бонди изјави дека танкерот со години бил под американски санкции „поради неговата вмешаност во нелегална мрежа за транспорт на нафта која поддржува странски терористички организации“, меѓу кои и Венецуела и Иран.
Претседателот Мадуро остро реагираше во четвртокот, велејќи дека заплената претставува „нова ера на криминалско поморско пиратство на Карибите“. Неговата влада истиот ден поднесе и официјална жалба до Меѓународната поморска организација, осудувајќи го потегот на САД.
