Ескалација во Ормускиот теснец: САД уништија 16 ирански бродови

Американската Централна команда соопшти дека уништила 16 ирански бродови кои наводно поставувале морски мини во близина на Ормускиот теснец, додека во регионот се регистрирани и напади врз товарни бродови.

Напнатоста во Ормускиот теснец дополнително се зголеми откако американската Централна команда (CENTCOM) објави дека уништила 16 ирански бродови кои, според нивните информации, биле користени за поставување поморски мини во близина на клучниот светски енергетски коридор.

Од ЦЕНТКОМ објавија и видеоснимки на кои се гледаат експлозии на повеќе пловила, тврдејќи дека станува збор за операции спроведени како дел од пошироката воена акција на САД и Израел. Американските воени претставници претходно изјавија дека неутрализирањето на иранските поморски капацитети е една од главните цели на операцијата.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно предупреди дека секој ирански обид за минирање на Ормускиот теснец ќе биде директно уништен од американските сили.

Во меѓувреме, британската агенција за поморски трговски операции (UKMTO) пријави нови инциденти во регионот. Трет товарен брод бил погоден од „непознат проектил“ на околу 50 наутички милји северозападно од Дубаи. Според информациите, екипажот е безбеден, а нема пријавени еколошки последици.

Во друг случај, брод бил погоден и запален на околу 11 наутички милји северно од Оман, по што екипажот бил евакуиран. Поморските власти ги предупредија бродовите кои пловат низ регионот да бидат особено внимателни додека трае истрагата.

Ормускиот теснец е еден од најважните светски енергетски коридори. Според проценките, низ него поминува околу една петтина од глобалната трговија со сурова нафта.

Американските разузнавачки служби претходно предупредија дека Иран започнал со поставување морски мини во водниот пат, иако засега станува збор за ограничен број. Според извори запознаени со извештаите, Иран и понатаму располага со голем дел од своите мали пловила и мински капацитети, што значи дека теоретски може брзо да распореди стотици мини во теснецот.

Според анализите, контролата над овој теснец претставува еден од клучните геополитички фактори во актуелната криза на Блискиот Исток.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни