Во Абу Даби денеска ќе се одржат првите тристрани мировни преговори меѓу Соединетите Американски Држави, Украина и Русија, потврди Кремљ. Средбата следува по разговорите меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Давос, како и по состанокот на американска делегација со Владимир Путин во Москва, пренесува Sky News.
Потврдата за руското учество дојде откако Путин во Москва се сретна со мировниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и со неговиот зет Џаред Кушнер.
Кремљ четиричасовните разговори ги опиша како „исклучително содржајни, конструктивни и искрени, со висок степен на доверливост“, но истовремено изрази сомнеж дека е можен значаен напредок. Во соопштението беше повторено предупредувањето дека нема изгледи за долгорочно решение доколку не се решат територијалните прашања, за кои Москва тврди дека биле отворени на минатогодишниот самит меѓу Трамп и Путин на Алјаска. Русија додаде дека ќе продолжи со воените активности сè додека не се постигне дипломатско решение.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски навести дека трилатералниот состанок бил иницијатива на Вашингтон во последен момент, договорена дури по неговата средба со Трамп во Давос. Киев соопшти дека на преговорите ќе ги испрати главниот преговарач Рустем Умеров и шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, додека Москва објави дека руската делегација ќе ја предводи адмирал Игор Костјуков.
Што било договорено на самитот на Алјаска?
Иако на состанокот меѓу Трамп и Путин на Алјаска во август не бил постигнат конкретен договор, се верува дека двајцата лидери разговарале за можноста Украина да се откаже од дел од територијата во замена за прекин на конфликтот. Според наводите, рускиот претседател побарал источните региони Донецк и Луганск, вклучувајќи и области што руските сили сè уште не ги контролираат.
Зеленски претходно изјави дека Москва бара и остатокот од Донецк и целата источна област Донбас како дел од планот за прекин на огнот. Тој нагласи дека Киев би го одбил таквиот предлог, бидејќи тоа би ја лишило Украина од клучната одбранбена линија – т.н. „појас на тврдини“, што би ѝ овозможило на Русија понатамошни офанзиви.
Зеленски незадоволен во Давос
Одлуката за трилатерални преговори следува по настапот на Зеленски во Давос, каде што изрази фрустрација од европските сојузници на Украина. Во говор што делумно потсетуваше на реториката на Трамп, тој ја предупреди Европа на бескрајниот „Ден на мрмотот“ и ја обвини за недостиг од конкретни дејствија.
„Минатата година, токму овде во Давос, го завршив говорот со зборовите ‘Европа мора да знае како да се брани’. Помина една година и ништо не се промени“, рече Зеленски.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одговори дека ЕУ четири години ја поддржува „херојската борба на украинскиот народ“ и дека делата зборуваат погласно од зборовите. Таа додаде дека ЕУ е најголемиот поддржувач на Украина, со повеќе од 193 милијарди евра во последните четири години, како и дополнителни 90 милијарди евра одобрени за следните две години.
Говорот на Зеленски следуваше по, како што беше опишано, „позитивна“ средба со Трамп, на која се разговарало за мировен план што е „речиси подготвен“. Сепак, и Киев и Москва остануваат фокусирани на територијалните несогласувања и на убедување на Белата куќа дека нивните услови треба да имаат предност. Зеленски го напушти форумот во Давос со изјава дека Украина договорила нов пакет противвоздушна одбрана и тврдење дека Русија губи околу 45.000 војници месечно.
