Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека борбен авион на американската морнарица соборил ирански дрон кој се приближувал до носачот на авиони USS Abraham Lincoln во Арапското Море.
Според соопштението, дронот „агресивно се приближувал“ до носачот со „нејасна намера“ и продолжил да се движи кон него и покрај преземените мерки за деескалација од страна на американските сили, кои дејствувале во меѓународни води.
Дронот бил соборен од борбен авион F-35C кој полетал од носачот Abraham Lincoln, кој во моментот на инцидентот се наоѓал на околу 800 километри од јужниот брег на Иран. CENTCOM наведува дека нема повредени американски војници, ниту материјална штета.
Ирански сили „вознемирувале“ трговски брод
Американската војска соопшти дека само неколку часа подоцна следел уште еден инцидент, во кој ирански сили се обиделе да заплашат трговски брод под американско знаме додека пловел низ Ормускиот теснец.
Според CENTCOM, припадници на Иранската револуционерна гарда со два брзи чамци и дрон од типот Mohajer му се приближиле на танкерот Stena Imperative со голема брзина и преку радио-закани најавиле можност за укрцување и заплена на бродот.
„Иранските чамци трипати со голема брзина поминаа покрај бродот, додека над него кружеше дрон. Во еден момент преку радио му се заканија дека ќе се укрцаат и ќе го запленат танкерот, кој се наоѓаше во меѓународни води“, изјави капетанот Тим Хокинс, портпарол на CENTCOM.
Американските сили реагирале веднаш, по што разорувачот USS McFaul го испратил танкерот од опасната зона со воздушна поддршка, со што ситуацијата била деескалирана.
Тензии пред нуклеарните преговори
Инцидентите се случуваат неколку дена пред најавените преговори меѓу САД и Иран за иранската нуклеарна програма. Американскиот претседател Доналд Трамп изминативе денови предупреди дека воени бродови се движат кон регионот и дека ќе следат „лоши последици“ доколку не се постигне договор.
Од Белата куќа потврдија дека преговорите сè уште се планирани за подоцна оваа недела, нагласувајќи дека администрацијата прво ќе се обиде со дипломатија, но дека „сите опции се на маса“.
Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, претходно предупреди дека секој напад врз Иран би можел да предизвика „регионална војна“. Техеран засега официјално не се огласи за инцидентот со дронот.
