САД секој ден добиваат по 1.000 нови милионери

Во текот на 2024 година, секој ден по 1.000 граѓани на САД првпат ја достигнувале границата од еден милион долари лична заработка, покажува најновиот извештај за глобалното богатство на инвестиционата банка UBS.

САД ја предводат листата на земји со најголем раст на личното богатство во 2024 година. Според извештајот, повеќе од 379.000 Американци станале милионери минатата година, што претставува над половина од сите нови милионери во светот.

Главен двигател на овој тренд бил силниот раст на берзата, при што индексот S&P 500 порасна за над 23%. Покрај тоа, стабилниот американски долар и оптимизмот на финансиските пазари значајно придонеле за зголемувањето на богатството.

„Растот на богатството беше најизразен во Северна Америка, поттикнат од стабилен долар и силни финансиски пазари“, се вели во извештајот на UBS.

680.000 нови милионери на глобално ниво

Во светски рамки, вкупно 680.000 луѓе станале милионери во 2024, што е зголемување од 1,2% во однос на претходната година, пренесува CBS News.
Според прогнозите на UBS, до 2029 година уште 5,34 милиони луѓе ќе ја достигнат границата од еден милион долари.

И покрај зголемувањето на бројот на милионери, просечното богатство на еден Американец во 2024 година изнесувало околу 312.000 долари, што значи дека седмоцифрените износи се и понатаму недостижни за голем дел од населението.

САД водат, но Европа и Азија се блиску зад нив

Во 2024 година, 40% од сите милионери во светот живееле во САД, односно околу 24 милиони луѓе.
Во Азија-Пацифик и Европа живеат околу 36% од светските милионери, додека Блискиот Исток и Африка сочинуваат околу 25%.

Според UBS, вкупното глобално лично богатство се зголемило за 4,6% во текот на 2024 година, пред сè поради растот од над 11% во Америка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни