Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со воведување нови царини за земјите што ја снабдуваат Куба со нафта, дополнително засилувајќи го притисокот врз комунистичката власт во Хавана, соопшти Белата куќа.
Трамп потпиша Извршна уредба со која се прогласува национална вонредна состојба и се воспоставува механизам за воведување царини за увоз од земји што продаваат или на друг начин ја снабдуваат Куба со нафта. Во документот се наведува дека мерката е насочена кон заштита на националната безбедност и надворешната политика на САД од, како што се наведува, „злонамерните постапки и политики на кубанскиот режим“.
Засега не е прецизирано колкави би биле царинските стапки, ниту кои земји конкретно би биле погодени од евентуалните американски тарифи.
„Налогот ги овластува државниот секретар и секретарот за трговија да ги преземат сите неопходни активности, вклучително и донесување правила и насоки за спроведување на тарифниот систем и поврзаните мерки. Претседателот може да ја измени уредбата доколку Куба или засегнатите земји преземат значајни чекори во насока на усогласување со целите на американската национална безбедност и надворешна политика“, се наведува во соопштението.
Трамп: Очекувам Куба наскоро да пропадне
Трамп неодамна изјави дека очекува Куба наскоро да пропадне, нагласувајќи дека Венецуела, која со години беше нејзин главен снабдувач, повеќе не испраќа ниту нафта ниту финансиска поддршка на островот.
Венецуела со години беше најголемиот извор на нафта за Куба, но по апсењето и одведувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на американските воени сили, САД извршија притисок врз привремената претседателка Делси Родригез, која сега ја насочува венецуелската нафта кон американскиот пазар.
За Куба, губењето на венецуелската нафта претставува сериозен удар. Во периодот од јануари до ноември минатата година, Венецуела испраќала во просек околу 27.000 барели дневно, што покривало приближно 50 проценти од енергетските потреби на Куба, покажуваат податоците на венецуелската државна нафтена компанија PDVSA и други официјални документи.
Вашингтон ги обвинува кубанските власти дека соработуваат и поддржуваат „бројни земји, меѓународни терористички организации и актери непријателски настроени кон САД“, меѓу кои Русија, Кина, Иран, Хамас и Хезболах.
Дополнително, Куба се обвинува и за „дестабилизација на регионот преку миграција и насилство“, како и за ширење на „комунистички идеи, програми и практики“.
