Соединетите Американски Држави ќе се повлечат од Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), бидејќи претседателот Доналд Трамп продолжува да ја повлекува својата земја од меѓународните институции што долго време ги критикуваше, објави денес „Њујорк пост“, повикувајќи се на функционер на Белата куќа.
Овие написи на престижниот американски медиум, добија и официјална потврда.
САД повторно се повлекуваат од УНЕСКО. Членството во оваа организација на ОН „не е во национален интерес“, изјави денеска (22.07) портпаролката на Стејт департментот во Вашингтон, Тами Брус. Според неа, УНЕСКО промовира социјални и културни прашања кои предизвикуваат раздор и претерано се фокусира на целите за одржлив развој на Обединетите нации. Ова, како што се вели, е глобалистичка, идеолошка агенда што е во спротивност со надворешната политика „Америка на прво место“ на американската влада.
САД привремено се повлекоа од УНЕСКО уште за време на првиот мандат на претседателот Доналд Трамп. Тогашната влада ѝ префрлаше на организацијата дека има антиизраелски став. На средината од 2023 година, во мандатот на Џо Бајден, САД повторно му се приклучија на УНЕСКО. Како причина беше наведено дека треба да се делува против растечкото влијание на Кина во организацијата.