САД најавуваат санкции за да му ја одземат контролата врз ресурсите на Мадуро

Вашингтон во ОН порача дека ќе ги спроведува санкциите „во максимална мера“ против венецуелскиот режим

Соединетите Американски Држави во Обединетите нации најавија дека ќе воведат и ќе спроведуваат санкции „во максимална мера“ со цел да го спречат претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, да има контрола врз државните ресурси, пренесува агенцијата Reuters.

Американските власти посочуваат дека санкциите се дел од поширока стратегија за ограничување на финансиските извори на венецуелската власт, особено преку контролата врз извозот на нафта. Оваа најава доаѓа во контекст на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Каракас, како и по засиленото американско воено присуство во регионот.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со месеци води кампања против бродови осомничени за шверц на дрога во близина на венецуелскиот брег и долж пацифичкиот брег на Латинска Америка. Во таа рамка, Трамп претходно јавно се закани и со можни напади врз Венецуела, што дополнително ја заостри реториката меѓу двете држави.

„Најсериозната закана за оваа хемисфера, за нашето непосредно соседство и за САД, доаѓа од транснационалните терористички и криминални групи“, изјави американскиот амбасадор при Обединетите нации, Мајк Волц, обраќајќи се пред Советот за безбедност на ОН.

САД, според официјалните изјави, го засилиле своето воено присуство во регионот, а американската администрација најави и блокада на сите пловила што подлежат на американски санкции. Во изминатиот период, Американска крајбрежна стража пресретнала два танкери во Карипското Море, натоварени со венецуелска сурова нафта. Во исто време, трето пловило, кое било празно и се приближувало кон брегот на Венецуела, е ставено под надзор.

„Реалноста е дека санкционираните танкери за превоз на нафта функционираат како примарна економска линија за спас на Мадуро и неговиот нелегитимен режим. Овие танкери, исто така, финансираат нарко-терористичка група позната како Картел де лос Солес“, изјави Волц.

Вашингтон кон крајот на минатиот месец го прогласи Картел де лос Солес за странска терористичка организација, поради наводната улога во шверц на дрога во САД. Американските власти тврдат дека самиот Мадуро ја предводи оваа структура, обвинувања кои венецуелската страна категорично ги отфрла.

Владата на Венецуела ја оцени одлуката како „смешна“ и соопшти дека станува збор за „непостоечка организација“, обвинувајќи ги САД за политички мотивиран притисок и мешање во внатрешните работи на земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни