САД претставува нов проект за обнова на Газа вреден 112 милијарди долари

Според „Волстрит џурнал“, планот предвидува трансформација на Газа во луксузна дестинација во наредните две децении
Photo: AP Photo/Abdel Kareem Hana

Соединетите Американски Држави претставиле нов проект за обнова на Појасот Газа, кој предвидува долгорочна трансформација на војната разурната територија во економски одржлива, па дури и луксузна дестинација, објави The Wall Street Journal повикувајќи се на американски официјални извори.

Проектот, наречен „Изгрејсонце“ (Sunrise), бил презентиран пред земји потенцијални донатори и, според достапните информации, предвидува инвестиции од 112,1 милијарда долари во првите десет години. Целта е во период од околу две децении Газа да се обнови инфраструктурно и економски, со фокус на урбан развој, туризам и самoodржливост.

Како што наведува весникот, проектот во изминатите 45 дена го развивал тим предводен од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, заедно со специјалниот американски пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф.

Според планот, САД би обезбедиле околу 60 милијарди долари во почетната фаза, додека во подоцнежните години се предвидува Газа, преку развој на економијата и инфраструктурата, сама да стане способна да го финансира продолжувањето на проектот.

Иако деталите за политичките и безбедносните предуслови за реализација на планот не се целосно објавени, информациите отвораат сериозни прашања за изводливоста на проектот во контекст на тековниот конфликт, хуманитарната криза и нерешениот политички статус на Појасот Газа.

Во меѓувреме, не е јасно каква е позицијата на палестинските власти, како и на клучните регионални и меѓународни актери, ниту дали проектот ќе биде поврзан со поширок мировен или политички процес. Досегашните меѓународни напори за обнова на Газа беа тесно поврзани со безбедносни договори и дипломатски преговори, што дополнително ја комплицира реализацијата на ваков обемен план.

Појасот Газа со години се соочува со сериозни хуманитарни предизвици, а последната војна остави голем дел од инфраструктурата уништена, со илјадници раселени цивили и ограничен пристап до основни услуги како вода, електрична енергија и здравствена заштита.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни