Соединетите Американски Држави повторно го продолжија рокот за финализирање на продажбата на странската имовина на руската нафтена компанија „Лукоил“, овојпат до 1 април 2026 година. Информацијата ја соопшти американското Министерство за финансии.
Според дозволата издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), договорот за продажба може да биде склучен до почетокот на април. Ова е уште едно продолжување на рокот, кој претходно беше пролонгиран во неколку наврати. Санкциите против „Лукоил“ беа воведени како дел од мерките насочени кон ограничување на руските приходи поврзани со војната во Украина.
Компанијата претходно најави продажба на својот меѓународен имот и постигна договор со американската инвестициска фирма „Карлајл“. Сепак, трансакцијата сè уште не е завршена, а паралелно се водат разговори и со други потенцијални купувачи, меѓу кои и „Шеврон“.
Странската имовина на „Лукоил“ опфаќа рафинерии, нафтени полиња и мрежа бензински станици во повеќе земји, а нејзината вредност се проценува на околу 22 милијарди долари.