Соединетите Американски Држави во средата официјално одобрија продажба на оружје на Тајван во вредност од околу 11,1 милијарди долари, со цел зајакнување на одбранбените способности на островот, соопшти Американската агенција за одбранбена безбедносна соработка (DSCA).
Во осум одделни соопштенија, DSCA наведува дека предложената продажба ќе придонесе за „унапредување на безбедноста на примателот и зачувување на политичката стабилност, воената рамнотежа и економскиот напредок во регионот“.
Пакетот на вооружување вклучува самоодни хаубици и придружна опрема, проценети на околу 4,03 милијарди долари, високомобилни артилериски ракетни системи во вредност од 4,05 милијарди долари, како и софтвер, опрема и услуги за тактичка мрежа на мисии, чија вредност се проценува на околу 1,01 милијарда долари.
Од агенцијата истакнуваат дека продажбата ќе му овозможи на Тајван поефикасно да се справи со сегашните и идните безбедносни закани преку унапредување на сопствените капацитети за самоодбрана, додавајќи дека островот нема да има потешкотии при интеграцијата на новата опрема во своите вооружени сили.
Истовремено, од DSCA нагласуваат дека предложениот договор не ја менува основната воена рамнотежа во регионот.
Сепак, одлуката се очекува да предизвика остри реакции од Пекинг, кој континуирано се спротивставува на каква било официјална воена соработка меѓу САД и Тајван. Кинеското раководство го смета Тајван за дел од Народна Република Кина, и покрај тоа што островот има сопствена, независна власт од 1949 година.
Во ноември, тајванските власти најавија дополнителен одбранбен буџет од 1,25 билиони нови тајвански долари (околу 34 милијарди евра) за период од осум години. Претседателот Лај Чинг-те тогаш изјави дека оваа одлука ја потврдува посветеноста на Тајван кон заштитата на сопствената демократија.
Според најавите, средствата предвидени за периодот 2026–2033 година ќе бидат искористени, меѓу другото, за набавка на ново оружје од САД и дополнително зајакнување на одбранбените капацитети на островот.
