Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за привремено олеснување на санкциите за иранска нафта, дозволувајќи ограничена продажба на веќе натоварени количини во наредните 30 дена. Целта е да се намали притисокот врз глобалниот енергетски пазар, кој е сериозно погоден од конфликтот на Блискиот Исток.
Мерката овозможува на пазарот да се појават околу 140 милиони барели нафта, што, според американскиот секретар за финансии Скот Бесент, би помогнало во стабилизирање на цените. Тие веќе пораснаа за околу 50 проценти и надминаа 100 долари за барел — највисоко ниво од 2022 година.
„Со привремено ослободување на оваа веќе постоечка понуда, ќе внесеме дополнителни количини на пазарот и ќе го намалиме притисокот врз снабдувањето“, изјави Бесент, нагласувајќи дека станува збор за строго временски ограничена и контролирана мерка.
Според лиценцата на Министерството за финансии, дозволата се однесува исклучиво на нафта што веќе е во транспорт и овозможува нејзино финализирање и испорака до 19 април. Не се дозволуваат нови договори, ниту зголемување на производството.
Американските власти истакнуваат дека Иран нема да има слободен пристап до приходите, бидејќи ограничувањата во меѓународниот финансиски систем остануваат во сила.
Ова е трет ваков чекор на САД во последните две недели, откако претходно беа олеснети и дел од санкциите за руската нафта. Потегот укажува на растечка загриженост во Белата куќа поради влијанието на високите енергетски цени врз економијата, но и врз претстојните избори.
Сепак, дел од аналитичарите предупредуваат дека ваквите мерки носат ризици.
„Во суштина, му дозволуваме на Иран да продава нафта што може да се искористи за финансирање воени активности“, изјави Дејвид Таненбаум од Blackstone Compliance Services.
Бесент ги отфрли критиките, нагласувајќи дека мерката е краткорочна и не ја менува стратегијата за „максимален притисок“ врз Техеран.
Во меѓувреме, ситуацијата на енергетските пазари останува неизвесна. Ормутскиот теснец — клучен поморски коридор низ кој минува околу 20 проценти од светската нафта и течен природен гас — е сериозно нарушен, а дел од бродовите веќе ја избегнуваат рутата.
Експертите предупредуваат дека без повторно отворање на теснецот, ефектите од ова олеснување ќе бидат ограничени.
Најголем бенефит од мерката се очекува да имаат азиските пазари, особено Кина како најголем купувач на иранска нафта, со оглед дека испораките можат да пристигнат во рок од неколку дена.
Во исто време, Иран започнал разговори со Јапонија за можноста за делумно отворање на теснецот за одредени бродови, што дополнително ја покажува комплексноста на кризата.
Јапонија е особено ранлива, бидејќи околу 95 проценти од нафтата ја увезува од Блискиот Исток, а дури 90 проценти од тие количини минуваат токму низ Ормутскиот теснец.