САД го туркаат НАТО кон повлекување од Косово – може ли Балканот повторно да зоврие?

Вашингтон бара „враќање на фабрички поставки“, европските сојузници стравуваат од нова нестабилност

Администрацијата на Доналд Трамп врши притисок врз НАТО да ги намали или заврши дел од своите меѓународни мисии, вклучително и мировната операција КФОР на Косово и советодавната мисија во Ирак, објави „Политико“, повикувајќи се на четворица дипломати од Алијансата.

Според нив, во Брисел иницијативата неформално се нарекува „враќање на фабрички поставки“ – односно сведување на НАТО на строго одбранбена евроатлантска улога, без пошироки глобални партнерства и кризни операции.

Косово како чувствителна точка

Можноста за постепено намалување на мисијата КФОР предизвикува особена загриженост меѓу европските членки. Мировната операција, воспоставена во 1999 година со мандат на Обединетите нации, брои околу 4.500 војници.

Дипломатски извори предупредуваат дека евентуално повлекување би можело да ја охрабри нестабилноста на северот на Косово и да предизвика пошироки ефекти во регионот.

Енџелуше Морина од Европскиот совет за надворешни односи оцени дека мисијата останува „незаменлива“ за регионалната безбедност и дека секое нагло повлекување може да поттикне нови тензии.

„Работите на Западен Балкан можат многу брзо да ескалираат“, изјавил висок дипломат на НАТО.

Притисок и за Ирак

Паралелно, Вашингтон наводно побарал завршување на советодавната мисија на НАТО во Ирак веќе во септември. САД истовремено планираат повлекување на околу 2.500 војници од земјата, во рамки на стратегијата за намалување на странските ангажмани.

Заменикот во Пентагон, Елбриџ Колби, неодамна зборуваше за визијата „НАТО 3.0“, нагласувајќи дека не може секоја мисија да биде врвен приоритет и дека европските сили мора да преземат поголем дел од безбедносниот товар.

Самитот во Анкара без Украина?

Според истите извори, САД лобираат Украина и четирите индо-пацифички партнери (Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја) да не учествуваат формално на самитот на НАТО во јули во Анкара.

Официјална одлука за прекин на мисиите засега нема. За тоа е потребен консензус од сите 32 членки на Алијансата.

Но самата дебата отвора прашање: дали станува збор за стратешка реорганизација или за потег што може да има директни последици врз безбедноста на Балканот?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни