САД го напуштија Парискиот договор за климатските промени

Одлуката на администрацијата на Доналд Трамп стапува на сила една година по официјалното известување до Обединетите нации и остава значителна финансиска празнина во глобалните климатски напори.

Соединетите Американски Држави по вторпат официјално се повлекоа од Парискиот договор за климатските промени, за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп. Повлекувањето стапува на сила денес, точно една година откако Обединетите нации ја примија формалната нотификација за излегување од договорот.

Парискиот договор има за цел ограничување на глобалното затоплување значително под 2 степени Целзиусови во однос на прединдустрискиот период, со настојување порастот да не надмине 1,5 степени. Со повлекувањето, САД повеќе не се сметаат за земја-обврзник во глобалните напори за спречување на климатските промени.

Одлуката носи сериозни последици, особено во финансиски аспект. Соединетите Држави досега беа меѓу клучните донатори за програмите за ублажување и адаптација на климатските промени, средства кои се од особена важност за посиромашните земји. Повлекувањето создава значителна празнина во финансирањето на меѓународните климатски механизми.

САД се втор најголем емитер на стакленички гасови во светот, веднаш по Кина, што ја прави одлуката особено значајна за глобалната клима. Според проценките на Обединетите нации, врз основа на сегашните климатски политики, светот се движи кон пораст на просечната глобална температура од околу 2,8 степени до крајот на векот. Дополнително, повлекувањето на САД се очекува да придонесе за уште околу 0,1 степен зголемување, што научниците го оценуваат како значајно влошување на климатските ефекти.

Ова не е првпат САД да го напуштат Парискиот договор под водство на Доналд Трамп. И во неговиот прв претседателски мандат земјата излезе од договорот, по што повторно беше вклучена за време на администрацијата на Џо Бајден.

Покрај оваа одлука, американската администрација во последните недели најави и можни повлекувања од други клучни тела на глобалната климатска архитектура, вклучително и Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, како и Меѓувладиниот панел за климатски промени, што дополнително ја продлабочува неизвесноста околу идната улога на САД во меѓународната климатска политика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни