САД извршија воздушни напади врз Исламска држава во Нигерија

Нападите се изведени на барање на нигериските власти; Трамп тврди дека цел биле милитанти одговорни за напади врз цивили
Photo: X

Соединетите Американски Држави извршиле воздушни напади врз позиции на Исламска држава (ИД) на северозападот на Нигерија, соопшти американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи дека милитантната група стоела зад серија напади врз цивилното население во регионот.

„По моја наредба како врховен командант, Соединетите Држави извршија силен и смртоносен удар врз терористичкиот олош на Исламска држава на северозападот на Нигерија“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social. Тој тврдеше дека групата „насочено и брутално убивала невини цивили“, посочувајќи дека нападите биле особено насочени кон христијанските заедници.

Американскиот претседател додаде дека претходно ги предупредил милитантите дека ќе се соочат со сериозни последици доколку не престанат со насилството, оценувајќи дека „вечерва ја платиле цената“.

Од Командата на американската војска за Африка (AFRICOM) соопштија дека операцијата била изведена на барање на нигериските власти и дека во нападите биле убиени повеќе милитанти на Исламска држава, без да прецизираат бројки.

Американските напади следуваат по серија предупредувања од Трамп во изминатите месеци, во кои тој тврдеше дека христијанството се соочува со „егзистенцијална закана“ во Нигерија и дека САД би можеле да интервенираат доколку нигериската држава не успее да го спречи насилството.

Од нигериската влада, пак, претходно соопштија дека наоружаните групи во земјата напаѓаат и муслимани и христијани, оценувајќи дека поедноставеното прикажување на конфликтот како верски прогон не ја одразува сложената безбедносна ситуација. Сепак, Нигерија најави засилена соработка со САД во борбата против екстремистичките групи.

Нигерија е демографски поделена земја, со мнозинско муслиманско население на север и христијанско на југ, а во последните години се соочува со сериозни безбедносни предизвици, вклучувајќи дејствување на Исламска држава и други вооружени групи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни