Конфликтот меѓу САД и Иран влегува во нова, поинтензивна фаза. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет најави дека денес ќе се изведе најсилниот бран воздушни напади од почетокот на воените операции.
Според него, во денешните напади ќе учествува најголемиот број борбени авиони и бомбардери, со што ќе се засили притисокот врз иранските воени капацитети.
„Денес повторно ќе биде нашиот најинтензивен ден на напади во Иран – со најмногу борбени авиони, најмногу бомбардери и најмногу удари“, изјави Хегсет.
Американските власти тврдат дека досегашните операции веќе дале резултати. Според нив, серијата воздушни напади значително ги намалила иранските ракетни и беспилотни капацитети.
Во исто време, Хегсет изјави дека Иран во последните 24 часа испукал најмал број ракети од почетокот на конфликтот, што според Вашингтон е знак дека воените операции имаат ефект.
„Ова не е војната во Ирак“
Американскиот министер за одбрана нагласи дека САД нема да се впуштат во долготрајна војна како онаа во Ирак.
„Ова не е 2003 година. Не е ни блиску. Нашата генерација војници нема да дозволи тоа повторно да се случи“, порача Хегсет.
Тој додаде дека САД нема намера да учествува во долги конфликти и во „бесконечно градење на нации“, алудирајќи на воените интервенции на Блискиот Исток во минатото.