САД најавија максимални санкции против Венецуела за да му ги пресечат ресурсите на Мадуро

Соединетите Американски Држави во ОН најавија воведување и строго спроведување на максимални санкции против Венецуела, обвинувајќи го режимот на Николас Мадуро за врски со криминал и тероризам.

Соединетите Американски Држави во Обединетите нации соопштија дека ќе воведат и ќе спроведуваат максимални санкции со цел да му ги ускратат финансиските и економските ресурси на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.

„Најсериозната закана за оваа хемисфера, за нашето непосредно соседство и за Соединетите Американски Држави доаѓа од транснационални терористички и криминални групи“, изјави американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц, пред Советот за безбедност, пренесува Ројтерс.

„Реалноста е дека санкционираните нафтени танкери претставуваат главен економски столб на Мадуро и на неговиот нелегитимен режим. Тие бродови, исто така, ја финансираат нарко-терористичката група Картел де лос Солес“, рече Волц.

Вашингтон кон крајот на минатиот месец го прогласи Картел де лос Солес за странска терористичка организација, поради наводната улога во шверц на дрога кон САД, а истовремено го обвини Мадуро дека е на чело на таа група.

Владата на Венецуела ја отфрли оваа одлука како „смешна“, тврдејќи дека станува збор за „непостоечка организација“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни