Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со Исламска држава во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили.
На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи објави дека Владата на Сирија целосно ги поддржува нападите и дека САД „се одмаздуваат многу жестоко“.
Централната команда на САД (УСЦЕНТКОМ), која ги надгледува американските сили на Блискиот Исток, ги потврди нападите, истакнувајќи оти во операцијата учествувале и борбени авиони на Кралските јордански воздухопловни сили.