Соединетите Американски Држави изгубиле 92.000 работни места во февруари, покажуваат најновите податоци на Бирото за статистика на трудот на САД (BLS), додека стапката на невработеност се искачила на 4,4 проценти.
Извештајот за вработеноста покажува дека американскиот пазар на труд почнал да губи замав минатиот месец, спротивно на очекувањата на економистите. Аналитичарите предвидуваа дека во февруари ќе бидат отворени околу 60.000 нови работни места, но наместо тоа економијата забележала значителен пад.
Дел од забавувањето се поврзува со силните зимски бури кои погодија големи делови од САД, по невообичаено топлиот јануари. На вработеноста влијаел и порастот на штрајкови во неколку индустрии.
Сепак, наглиот пад на работните места предизвика загриженост, особено во период кога растат стравувањата од економските последици од конфликтот со Иран и од порастот на цените на нафтата.
Податоците на BLS покажуваат и ревизии на претходните извештаи за вработување. Вкупниот број нови работни места од декември е намален за 69.000. Резултатот за декември 2025 година е ревидиран од раст од 48.000 работни места на загуба од 17.000, додека бројката за јануари е намалена од 130.000 на 126.000 нови работни места.
Падот на вработеноста е забележан во повеќе сектори. Здравствениот сектор, кој долго време беше еден од најстабилните работодавци, изгубил работници поради штрајковите во Калифорнија и Хаваи.
ИТ секторот изгубил околу 11.000 работни места, делумно поради промените во технолошката индустрија и реструктурирањето по бумот на вработување во периодот по пандемијата.
Вработеноста во федералната влада е намалена за 10.000 работни места, што значи дека бројот на вработени во овој сектор е за околу 330.000 помал во споредба со октомври 2024 година.
Во исто време, повеќето други сектори, како рударството, градежништвото, производството, финансиите и трговијата на мало, покажуваат речиси непроменета вработеност. Единствен раст е забележан во секторот за социјална помош, кој добил околу 9.000 нови работни места.
Економските аналитичари предупредуваат дека ваквите бројки може да бидат сигнал за забавување на економијата, особено ако трендот продолжи во наредните месеци.