Високи делегации од САД и Иран пристигнаа во Исламабад на мировни преговори, во момент кога условите на Техеран отвораат нови дилеми за текот на разговорите.
Високи американски и ирански претставници пристигнаа во главниот град на Пакистан, Исламабад, каде се очекуваат разговори за завршување на шестнеделниот конфликт меѓу двете земји.
Сепак, преговорите стартуваат во неизвесна атмосфера, откако Техеран доведе во прашање дали разговорите воопшто можат да започнат без претходни обврски поврзани со Либан и санкциите.
Американската делегација ја предводи потпретседателот Џеј Ди Ванс, а во неа се и специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Тие пристигнале во Исламабад со воени авиони и биле пречекани од врвот на пакистанската воена и дипломатска структура.
Од иранска страна, делегацијата ја предводат претседателот на парламентот Мохамад Бакер Калибаф и министерот за надворешни работи Абас Аракчи, кои пристигнале ден претходно.
Овие разговори се оценуваат како потенцијално најзначајни директни контакти меѓу САД и Иран по децении. Доколку се одржат во директна форма, тоа би биле првите вакви преговори од 2015 година, кога беше постигнат договорот за иранската нуклеарна програма.
Односите меѓу двете земји се сериозно нарушени откако Доналд Трамп во 2018 година ја повлече САД од нуклеарниот договор. Дополнително, убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани ја продлабочи кризата и практично ги прекина сите директни дипломатски канали.
Денешните разговори се обид за враќање на дијалогот, но стартуваат со отворени прашања и услови што можат да го усложнат процесот.
Иако самото одржување на средбата претставува дипломатски чекор напред, останува неизвесно дали двете страни ќе успеат да ги надминат длабоките разлики и да дојдат до конкретен договор.