САД попуштија и ѝ дозволија на Индија купување руска нафта

Поради нестабилноста на глобалниот пазар и војната со Иран, Вашингтон одобри привремено изземање што им овозможува на индиските рафинерии повторно да купуваат руска нафта.
Foto: EPA

Соединетите Американски Држави направија неочекуван пресврт во својата политика кон енергетските санкции, дозволувајќи ѝ на Индија привремено да купува руска нафта поради кризата на светскиот пазар предизвикана од војната на Блискиот Исток.

Како што објави американскиот министер за финансии Скот Бесент, на индиските рафинерии им е одобрено привремено изземање од 30 дена за купување руска нафта со цел да се одржи стабилноста на глобалното снабдување со енергенси.

„За да се обезбеди континуиран проток на нафта на светскиот пазар, Министерството за финансии издава привремено 30-дневно изземање што им дозволува на индиските рафинерии да купуваат руска нафта“, објави Бесент на социјалните мрежи.

Тој нагласи дека станува збор за краткорочна мерка која нема значително да ја зголеми заработката на руската влада, бидејќи дозволените трансакции се однесуваат на нафта која веќе е испратена на море.

Бесент додаде дека Индија е „клучен партнер“ на САД и дека Вашингтон очекува Њу Делхи во иднина да ја зголеми купувачката на американска нафта.

Одлуката претставува значителен пресврт, бидејќи Вашингтон со месеци вршеше притисок врз Индија да ја намали зависноста од руската нафта со цел да се ограничи финансирањето на руската воена кампања во Украина.

Според извори на агенцијата Ројтерс, индиските рафинерии веќе започнале со купување милиони барели руска сурова нафта за да ги компензираат намалените глобални резерви предизвикани од конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.

По руската инвазија врз Украина во 2022 година, Индија стана еден од најголемите купувачи на руска нафта. Иако под притисок од западните партнери во последниот период ги намалуваше набавките, новата енергетска криза повторно ја отвори можноста за вакви договори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни