САД им забрани влез на европски функционери: жестоки реакции од Британија и ЕУ

САД воведоа забрана за влез на неколку европски функционери поради наводна цензура на интернет. Реагираа Британија, Европската унија и Франција.

Британската влада соопшти дека е „целосно посветена на почитување на правото на слобода на говор“, откако на водечки активист против омраза и дезинформации на интернет му беше забранет влез во Соединетите Американски Држави.
Имран Ахмед, директор на Центарот за сузбивање на дигиталната омраза (CCDH), е еден од петтемина Европејци кои САД ги санкционираа.

Американскиот државен секретар Марко Рубио ја обвини групата дека ги предводи „напорите за присилување на американските платформи да казнуваат ставови со кои тие не се согласуваат“. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп сигнализираше дека санкциите може да бидат проследени со дополнителни мерки, кои би можеле да се однесуваат и на политичари или функционери.

Ахмед, кој е од Манчестер, е поврзан со високи функционери на Лабуристичката партија. Претходно работел како советник на поранешниот министер за надворешни работи во сенка Хилари Бен, сегашен министер за Северна Ирска. Поранешен директор на CCDH бил и Морган МекСвини, шеф на кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер.

Реакцијата на Британија

Портпарол на британската влада изјави дека „Обединетото Кралство е целосно посветено на почитување на слободата на говор“.
„Иако секоја држава има право да ги утврдува своите визи правила, ние ги поддржуваме законите и институциите што работат на тоа интернетот да биде ослободен од најштетните содржини“, рече тој.

Тој додаде дека социјалните мрежи не смеат да се користат за ширење содржини поврзани со сексуална злоупотреба на деца, поттикнување омраза и насилство, ниту за ширење лажни информации и манипулативни видеа.

Џонатан Хол, независен британски ревизор на законодавството за тероризам, оцени дека американските санкции се „значаен потег“. Тој за Times Radio изјави дека ваквите санкции обично се резервирани за „навистина сериозни надворешнополитички прашања, кога државата смета дека нејзините интереси или светскиот поредок се сериозно загрозени“.

Хол додаде дека ова ќе испрати „огромна порака на заплашување“ до сите други кои моментално дебатираат за оваа тема. Во октомври 2024 година, Илон Маск јавно му објави „војна“ на CCDH, нарекувајќи го „криминална организација“. Тогаш Ахмед за Guardian изјави дека „неуморно“ ќе продолжи со својата работа.

Британката Клер Мелфорд, која го води Глобалниот индекс за дезинформации, исто така е меѓу петтемина Европејци на кои им е забранет влез во САД.

САД: Нема да толерираме цензура

Ова е дел од кампањата на администрацијата на Трамп против странското влијание врз изразувањето на интернет, при што се користат имиграциски закони наместо регулативи за платформите или класични санкции.
„Администрацијата на Трамп повеќе нема да ја толерира оваа дрска екстериторијална цензура“, напиша Рубио на X.

„Ниту еден од санкционираните не е актуелен функционер на Обединетото Кралство или на ЕУ, но знаеме дека странски владини претставници активно ги таргетираат САД“, изјави Сара Роџерс, заменик државен секретар задолжена за јавна дипломатија.

Меѓу санкционираните се и Тјери Бретон, поранешен еврокомесар, како и Ана-Лена фон Ходенберг и Жозефин Балон од германската невладина организација HateAid.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта порачаа дека Европската унија ќе ја брани слободата на говорот.

„Слободата на изразување е темел на нашата силна и жива европска демократија. Горди сме на неа и ќе ја заштитиме“, напиша фон дер Лајен на X.

Антонио Кошта оцени дека одлуката на Вашингтон е „неприфатлива меѓу сојузници, партнери и пријатели“, додавајќи дека ЕУ цврсто стои во одбрана на слободата на изразување, фер дигиталните правила и својот регулаторен суверенитет.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги осуди санкциите, обвинувајќи ги САД за „заплашување и присила со цел поткопување на европскиот дигитален суверенитет“.
„Правилата што го уредуваат дигиталниот простор на Европската унија не се утврдуваат надвор од Европа“, порача Макрон, нагласувајќи дека Франција и ЕУ ќе продолжат да ја бранат својата регулаторна автономија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни