САД го продолжија рокот за Србија за продажба на рускиот удел во НИС

Американското Министерство за финансии ѝ даде на Србија нов рок до 24 март за преговори за продажба на рускиот удел во НИС, но без дозвола компанијата да работи

Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД издаде нова лиценца за Нафтната индустрија на Србија (НИС), со која се дозволува продолжување на преговорите за продажба на рускиот удел до 24 март, но истовремено не ѝ се дозволува на компанијата да работи во тој период, објави Радио-телевизија Србија (РТС).

Поради американските санкции, рафинеријата на НИС не може да прима сурова нафта од 9 октомври, кога стапија на сила санкциите на САД против оваа српска компанија поради руската инвазија врз Украина.

Вашингтон бара целосно повлекување на руските акционери од компанијата, но преговорите за потенцијална продажба се одолговлекоа, поради што рафинеријата на НИС на 25 ноември ја запре работата. Српските власти тврдат дека снабдувањето со нафтени деривати е обезбедено најдоцна до 25 јануари.

Вучиќ: Ова не ни значи многу

Новата лиценца, со која се дозволуваат само преговори за продажба на рускиот удел до 24 март, но без дозвола за работа на НИС, според српскиот претседател Александар Вучиќ, „не ѝ значи многу на Србија“, бидејќи проблемот со снабдувањето мора итно да се реши.

Вучиќ претходно изјави дека Србија забрзано увезува гориво и дека резервите се доволни најмалку до 15 јануари, а можеби и до 25 јануари. Министерката за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави дека ќе продолжат дипломатските преговори со цел да се најде прифатливо решение.

Американските власти досега повеќепати го предупредуваа официјален Белград дека не прифаќаат руско сопствеништво во НИС, каде Русија поседува 56,15 проценти, и дека тој удел треба да биде „нула“. И покрај повеќекратните одложувања на примената на санкциите, тоа сè уште не е реализирано, и покрај обидите за пренос на акции преку ќерки-компании кои не се под санкции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни