САД привремено ги суспендираа санкциите кон Сирија според Законот „Цезар“ за период од 180 дена, соопшти американското Министерство за финансии по средбата на претседателот Доналд Трамп и сирискиот лидер Ахмед ал Шара во Белата куќа.
Во соопштението се наведува дека дел од рестрикциите остануваат во сила, особено оние што се однесуваат на трансакции поврзани со Русија и Иран.
Оваа одлука заменува претходниот шестмесечен прекин на санкциите што беше воведен во мај.
Законот „Цезар“, донесен во 2020 година, беше насочен против режимот на Башар ал Асад и сите што соработуваат со него, особено во секторите на енергетика, градежништво и финансии.
Историски состанок во Белата куќа
Состанокот меѓу Трамп и Ал Шара се одржа утрово во 11 часот по локално време, а претходно сирискиот лидер се сретна и со директорката на ММФ, Кристалина Георгиева.
Според извори на Al Jazeera и NBC, разговорите биле фокусирани на безбедносната соработка и можноста Сирија да се приклучи на коалицијата предводена од САД во борбата против Исламската држава.
Разговори за економска обнова
Според сириската новинска агенција SANA, Ал Шара и Георгиева разговарале за обновување на сириската економија разурната од војната и за потенцијална соработка меѓу Сирија и ММФ во насока на структурни реформи и поттикнување раст.
На средбата присуствувал и сирискиот министер за надворешни работи Асад ал Шајбани
Историски контекст
Ова е прва посета на висок сириски функционер во Белата куќа по 26 години — последната се случи во декември 1999 година, кога тогашниот министер за надворешни работи Фарук ал Шара беше во Вашингтон поради мировни преговори со Израел.
