Американскиот Стејт департмент нареди евакуација на дел од персоналот на американската влада и членовите на нивните семејства од Оман, поради зголемени безбедносни ризици во регионот. Одлуката доаѓа во време на растечки тензии на Блискиот Исток и стравувања од поширок вооружен конфликт.
Американските власти истовремено ги советуваат своите граѓани да размислат за одложување на патувањата во Оман. Земјата е ставена под тревога од ниво 3, што значи дека постои значителен ризик од вооружен конфликт и терористички напади. За граничната област со Јемен е прогласено највисокото ниво на предупредување – ниво 4, што значи дека патувањата во тој регион не се препорачуваат.
Воздушен напад во Иран со цивилни жртви
Додека расте дипломатската и воената напнатост, иранските државни медиуми објавија дека во воздушен напад во западниот ирански град Ејван загинале шест членови на исто семејство.
Според новинската агенција Мизан, официјален медиум на иранското судство, меѓу жртвите има и шестмесечно бебе. Засега нема дополнителни детали за нападот, ниту официјална потврда кој стои зад него.
Ирански ракети погодиле американска база
Во меѓувреме, ирански ракети ја погодиле американската воздухопловна база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија и оштетиле пет американски воени танкери за полнење гориво во воздух, објави „Волстрит џурнал“.
Според извештаите, танкерите биле стационирани во базата кога била извршена ракетната офанзива. Ниту еден од авионите не бил целосно уништен, а поправките веќе се во тек. Во нападот нема загинати или повредени.
Зголемени загуби на американската армија
Од почетокот на војната меѓу САД, Израел и Иран на 28 минатиот месец, најмалку седум американски танкери за полнење гориво се оштетени или уништени.
Дополнително, американската армија претрпе загуби и поради несреќа во Ирак. Два авиони-танкери KC-135 се судриле во воздух, при што еден се урнал во западниот дел на земјата.
Во несреќата загинале сите шест членови на екипажот. Централната команда на САД (CENTCOM) соопшти дека причината за судирот сè уште се истражува и дека не станува збор за непријателски напад или пријателски оган.
Со ова, бројот на загинати американски војници од почетокот на конфликтот се искачи на 13.
Конфликтот се шири во регионот
Вооружениот конфликт меѓу САД, Израел и Иран трае веќе две недели и постепено се шири во повеќе делови од Блискиот Исток.
Израел во последните денови ги засили нападите врз цели поврзани со Хезболах во Либан, додека Иран возвраќа со ракетни напади и беспилотни летала врз израелски и американски воени цели во регионот.
Аналитичарите предупредуваат дека доколку ескалацијата продолжи, конфликтот може дополнително да се прошири и да ја дестабилизира безбедносната ситуација во целиот регион.