Соединетите Американски Држави подготвуваат поостар настап на разговорите со Иран во Женева, каде што нивните претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, според пишувањето на „Волстрит џурнал“, ќе инсистираат на демонтирање на три значајни нуклеарни постројки – во Фордо, Натанц и Исфахан – како и на предавање на целиот збогатен ураниум.
Според изворите на весникот, ваквиот пристап доаѓа под силно влијание на тврдата струја во американската администрација и на дел од републиканските законодавци, кои бараат построги услови во преговорите за иранската нуклеарна програма.
Новите позиции на Вашингтон следуваат по неодамнешното обраќање на претседателот Доналд Трамп, во кое тој го предупреди Техеран да не продолжува со развој на нуклеарно оружје и балистички ракети со долг дострел.
Иран, пак, останува на ставот дека има право на збогатување ураниум за мирнодопски цели, додека американската страна се залага за политика на нулта толеранција кон таквите активности.