Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека во првите два дена од нападите врз Иран се потрошени околу 5,6 милијарди долари за муниција, се наведува во извештај доставен до одборите на американскиот Конгрес.
Информацијата ја потврдил извор запознаен со извештајот, додавајќи дека американските законодавци веќе изразиле загриженост за можните последици од конфликтот врз воените резерви на САД.
Членови на Конгресот, кои наскоро би можеле да одлучуваат за дополнително финансирање на војната, предупредуваат дека продолжувањето на операциите може да ги исцрпи американските воени залихи во момент кога одбранбената индустрија веќе има потешкотии да ја задоволи растечката побарувачка.
Пред четири дена претседателот Трамп се сретнал со раководители на седум големи одбранбени компании, додека Пентагон работи на обновување на воените резерви. Сепак, американската администрација сè уште нема објавено официјална проценка за вкупните трошоци на конфликтот, кој започна на 28 февруари во координација со Израел.
Во меѓувреме, членовите на Конгресот бараат дополнителни информации од администрацијата, вклучително и јавни сведочења на високи функционери за тоа како војната може да влијае врз подготвеноста на американската армија за одбрана на земјата.
Неколку помошници на конгресмени изјавиле дека се очекува Белата куќа наскоро да поднесе барање до Конгресот за нов пакет финансиска поддршка за војната.
Според некои проценки, новото барање за финансирање би можело да надмине 50 милијарди долари, иако дел од функционерите сметаат дека таа сума би можела да биде уште поголема.