Првата недела од војната против Иран ги чинела Соединетите Американски Држави повеќе од 11,3 милијарди долари, според брифинг на Пентагон за членовите на Конгресот, објави денеска „Њујорк тајмс“.
Повикајќи се на анонимни извори кои присуствувале на брифингот во вторникот, весникот пишува дека оваа бројка не ги вклучува многуте трошоци поврзани со подготовката на нападите, што укажува дека конечната сума може да биде значително поголема.
Поголемиот дел од трошоците не биле предвидени во буџетот
Претходно, претставници на Пентагон му соопштиле на Конгресот дека во првите два дена од конфликтот биле потрошени околу 5,6 милијарди долари за муниција, што е многу повеќе од претходните проценки.
Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS), независен аналитички институт со седиште во Вашингтон, процени дека трошоците за првите 100 часа од операцијата изнесувале околу 3,7 милијарди долари, односно повеќе од 891 милион долари дневно.
Дел од овие трошоци веќе биле предвидени во буџетот, но поголемиот дел – околу 3,5 милијарди долари – не биле, наведува CSIS во студија објавена на 5 март.
Околу милијарда долари дневно
Според веб-страницата Iran War Cost Tracker, која во реално време ги следи трошоците на САД за војната со Иран, проценката во четвртокот наутро покажала дека вкупната сума веќе надминала 17 милијарди долари.
Според истата платформа, Соединетите Американски Држави трошат околу една милијарда долари дневно за војната.
Но овие проценки не ги вклучуваат долгорочните трошоци, како што се грижата за ветераните или други индиректни економски последици.
Центарот за американски напредок (CAP), кој во своите пресметки ги вклучува и овие индиректни трошоци, процени дека само четвртиот ден од конфликтот веќе чинел повеќе од пет милијарди долари.
„Со сегашното темпо на операции, војна што би траела три недели лесно може да предизвика трошоци од десетици милијарди долари“, проценува CAP.