Повеќе од 4.400 романски државјани во Соединетите Американски Држави се соочуваат со ризик од депортација согласно новата имиграциона политика на претседателот Доналд Трамп, објави телевизијата „Диџи 24“.
Тие се дел од околу 1,5 милиони нелегални имигранти кои Трамп најави дека ќе ги депортира што е можно побрзо, како што вети во предизборната кампања. Според податоците од ноември 2024 година, објавени на веб-страницата на Американската служба за имиграција, веќе се издадени конечни решенија за депортација на 1.370 Романци. Ова значи дека тие ги исцрпиле сите правни можности за оспорување и чекаат да бидат испратени назад во Романија.
Телевизијата потсетува дека помалку од десет дена по стапувањето на функцијата на Трамп, повеќе од 3.500 нелегални имигранти, претежно од Латинска Америка, веќе се депортирани.
Освен тоа, на списокот на мигранти кои имаат проблеми со правосудниот систем се наоѓаат 3.640 романски граѓани, кои повеќепати ги прекршиле американските закони, се вратиле нелегално по претходна депортација или се барани за криминални дела извршени во странство. Од нив, 1.910 веќе се наоѓаат во имиграциски притвор, објавува „Диџи 24“.