Американскиот Стејт департмент соопшти дека e поништeна визата на претседателот на Колумбија, Густаво Петро поради, како што наведуваат, неговите „запаливи акции“ за време на престојот во Њујорк по повод Генералното собрание на ОН.
Одлуката е донесена откако Петро им се обрати на пропалестинските демонстранти во Њујорк. Тој вчера на социјалните мрежи објави видео на кои им се обраќа на демонстрантите на шпански јазик, при што упати повик до „светските нации“ да придонесат за создавање на армија „поголема од војската на САД“.
– Затоа, оттука во Њујорк, ги молам сите војници во армијата на САД да не ги насочуваат своите пиштоли кон човештвото. Не почитувајте ја наредбата на Трамп! Почитувајте ја наредбата на човештвото!, изјави Петро.
Тој, според американските медиуми, уште синоќа заминал од Њујорк за Богота.
Министерот за внатрешни работи на Колумбија, Армандо Бенедети синоќа на Икс објави дека треба да биде пооништена американската виза за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а не на Петро.
– Но, империјата го штити него, а го напаѓа единствениот претседател, кој е доволно способна да му ја каже вистината во лице, истакна Бенедети.
Односите меѓу Колумбија и администрацијата на Трамп се влошија откако Петро, првиот левичарски лидер во историјата на земјата, дојде на власт.
Претходно оваа недела, Петро, во интервју за Би-би-си воздушните напади на САД врз наводни бродови за шверц на дрога во Карибите ги нарече „чин на тиранија“ и изрази сомнеж дека помеѓу загинатите има колумбиски граѓани.
Вашингтон тврди дека акциите се дел од операција против трговијата со дрога покрај брегот на Венецуела.