Саботна треска со „Светско а наше“ и екстатичен џез настап, ја оживеа клупската сцена во Јавна соба

Џез во онаа рудиментирана форма во која басот ви ги вози виугите во непознат возбудлив правец саксофонот растреперува кожата, а сите заедно ги реорганизираат атомите во просторот. Овие светли примери на музичка понуда во градот, даваат надеж дека ја добиваме трката со комерцијалната турбо фолк наезда. Оваа сабота „Чалгија саунд систем“ ветува зголемено лачење сератонин.

Пишува: Ана Василевска

Кога се чинеше дека во Скопје едвај живурка културата на интимни концертни настапи во клупска атмосфера, минатата недела даските на малата сцена на поткровјето во „Јавна соба“ сосема го демантираа тоа. Сцената се стопи пред дво и пол часовниот френетичен настап на белградскиот искусен џез состав „Fish in Oil“. За овие автентични музичари како да немаше разлика дали настапуваат пред публика од стотици луѓе на голема сцена во „Сава центар“ на пример, или на престижен џез фестивал, па на онаа одбрана група на луѓе која вообичаено може да ужива во вакков џез меѓу две изданија на „Скопскиот џез фестивал“,  и приредија фантастично искуство. Џез во онаа рудиментирана форма во која басот ви ги вози виугите во непознат возбудлив правец саксофонот  растреперува кожата, а сите заедно ги реорганизираат атомите во просторот.

Од настапот на „Fish in Oil“ во Јавна соба

Атмосферата дополнително кулминираше со сешн и вклучување на нашиот гитарист од Ѓорѓи Шаревски и маестро Џијан Емин. Авторската музика на „Fish in Oil“ со нашите музичари звучеше повеќе од шармантно и за миг на присутните им создаде визија на присуство во врвен џез клуб во Њујорк.  Џез групата Fish in Oil е предводена е од Братислав Браца Радовановиќ, кој е лидер и композитор на истата. Братислав се занимава со музика уште од раните деведесетти години со музичките истомисленици во Приштина. Потоа Fish in Oil се собира во Белград каде и продолжува да работи само авторска музика, и созрева во сосема дефинираниот, но и исклучително разновидниот композиторски израз Радовановиќ.

КОНТИНУИТЕТ НА ВПЕЧАТОЦИ СО НАСТАПОТ НА „ФОЛТИН “

Впечатоците од џез настапот се уште не слегнаа а веќе во саботата во рамки на мини фестивалот „Светско а наше“ на истата сцена „растурија“ светските битолачани „Фолтин“. Независно колку пати сте ги гледале, тие секогаш имаат различна концертна приказна. Оваа во саботата во „Јавна соба“ беше една од најдобрите кога го потенцираа нивното надмузичко искуство и виртуозност во границата меѓу кабаре и музички перформанс. Непредвидливоста и страста на фронтменот Бранислав Николов заедно со таа фантастична препознатливост со членовите на бендот (Пеце Николовски – кларинет и усна хармоника, Пеце Трајковски – Брада – дирки, гитара, перкусии, Гоце Јованоски – бас, Славчо Јовев – тапани ) приреди навистина наш а толку светски настап.

Од настапот на „Фолтин“ во Јавна соба, фото/А.В

Меѓу бројната публика различни генерации ги пееја песните од различни албуми. Во прилог на ова, континутетот за кој се залага „Јавна соба“ за активирање на клубските концерти а истровремено за афирмација на светскиот звук во домашната музичка сцена,  не е залуден-новата генерација покажува љубопитност кон квалитетниот саунд и начин на восприемање на музиката.

НА РЕД УШТЕ ЕДНА ОРИГИНАЛНА ПОНУДА НА „СВЕТСКО А НАШЕ“ – „ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ“ – ВЕТУВАААТ ЗГОЛЕМЕНО ЛАЧЕЊЕ СЕРАТОНИН

Третиот по ред од низата саботни настапи во „Јавна соба“ на нашите а светски музичари, ќе го одбележи бендот „Чалгија саунд систем“. Тој  е создаден во 2008 година со една почетна зацртана цел: да истражува низ оставнината на македонската музика, да ги открие нејзините скриени тајни

и звуци и да се вложи одржувајќи ја во добра форма македонската чалгија без да се изневери традицијата. Во таквото музицирање и растење, Чалгија саунд систем како да ја откри најважаната тајна која ја носи во себе чалгијата – а таа е одлепувањето од индивидуализмот и залепувањето за заедничкото убаво и добро. Всушност, унисоното свирење на различните инструменти (ут, какон, виолина, перкусии и вокал) покажуваат дека само спојот на разликите создава една сосема различна димензија на звукот која се стреми да направи да им биде убаво на сите, да ги поттикне на песна, на дружба, на пеење и зголемено лачење серотонин.

„Чалгија саунд систем“
„Чалгија саунд систем“

Бендот го имаше своето албумско деби во 2010 година со истоимен албум во кој беа без никакво двоумење отсвирени и отпеaни некои од најубавите македонски чалгиски песни. Созревајќи, во 2019 год, бендот го издаде својот втор албум именувајќи го „Тихувај“ како провокација за авторски поглед на нова чалгија во која беа вметнати современи звуци.

„Чалгија саунд систем е тивка и суптилна непомпезна музичка пројава, но со музички моќно и силно влијание кај вистинските музички сладокусци.“, ќе забележат оние кои го следат нивниот музички развој.

„Чалгија саунд систем“ се Добрила Грашеска – вокал, Александра Кузман – виолина, Дориан Јовановиќ – ут, Бошко Мангаровски – канон, Филип Крстевски – перкусии.

Овие редови се поддршка на сите благородни идеји за враќање на клупската сцена во која ќе се пронајдат и ќе растат нови генерации, познавачи на својата а светска музика. Можеби таа цврста решеност и охрабрување да се спротиставиме на мегаломанските комерцијални настапи на шунд ѕвезди, произлегува и од  достоинството што ни го врати оформувањето на Националниот џез оркестар за чии концертни настапи веќе се бара карта повеќе. Како и да е, онаа титула за Скопје европска престолнина на културата за 2028 година е обврска на сите нас а сите вакви навидум микро иницијативи треба да бидат масовно прегрнати.   

Извор: https://novatv.mk/sabotna-treska-so-svetsko-a-nashe-i-ekstatichen-dhez-nastap-ja-ozhivea-klupskata-stsena-vo-javna-soba/

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни