Трн: До кога со музика, има ли крај песнава?
Слаткар: Па најверојатно нема, верувам дека ќе создавам додека сум жив, а верувам и дека дел од напишаното ќе остане многу години после нашето физичко суштествување.
Трн: Кога спиеш рецитираш во сон или таму шепотиш?
Слаткар: Многу зборам во сон, монолози кои траат и по неколку минути. Е сеа, ако земеме предвид дека старите порано ни викаа: „Вие не пеете, вие зборите„ може да се каже дека рецитирам и во сон.
Трн: Ако не беше рап изведувач, во што друго се препознаваш?
Слаткар: Си замислувам колку би бил глув и сив животот без музика и размислувам со што би се бавел… Ние сме трговци на емоции, веројатно би тргувал во некоја потивка околина.
Трн: Сакаш некој да ти рапува тебе?
Слаткар: Па ми рапуваат моите, али онака на шала.
Трн: Што е она што отсекогаш си сакал да го имаш во спот, а не си успеал?
Слаткар: 10 ферарија, пет бентлија и прајвет џет пун п.чки, ха ха ха… Ако се нафурам може да успеам и да си го приуштам тој пораз. Нашите желби треба да бидат усогласени со нашата пазарна вредност. Се’ друго се филмови, да не речам порничи.
Трн: За кого сакаш да напишеш текст и заедно да го изведете?
Слаткар: Сакав и напишав текст за една песна каде ми гостува Владо Јаневски. Песната е снимена и ќе излезе наредната година на мојот нов албум. Владо е поетиште.
Трн: А кој текстописец би сакал да ти подари текст?
Слаткар: Јас би сакал Владо од Ластовица, кога бил на мои години, да ми напише текст за да го испеам.
Трн: Каква музика избираш да слушаш?
Слаткар: Па слушам се’ што ми се допаѓа, жанровски сум ослободен и слушам свашта.
Трн: Си имал твоја песна на „рипит“ и со денови низ неа си го прелистувал твојот живот?
Слаткар: Скоро сите тазе демоа ми се на рипит 24/7, но мислам дека песни како Да Полетам, Тик Так, Разговор со совеста, Милион, и после 30 години би можел да ги слушам со воодушевување.
Трн: Со последните песни не пропушташ да наметнеш општествени теми, кои некому се непријатни, или тоа е твојот глас за подобро општество?
Слаткар: Пробувам да не се мешам, но не можам да си помогнам, појако е од мене. Не можам да прифатам дека треба да возам на кај ендек само затоа што мнозинството вози во тој правец.
Трн: Продолжуваш да зборуваш низ музиката или веќе кажано е се?
Слаткар: Секој нов ден е приказна што можеш да ја искористиш доколку си опседнат со тоа што го работиш. Опсесијата често се заменува со инспирација и доаѓа до забуна. Не сум кажал ни пола од тоа што треба да се каже…
Трн: Омилен стих што те прави победник или стих што те прави поразен?
Слаткар: Лесно е да дојдеш до внимание, но тешко е да дојдеш до влијание.
-Ајде кадијо суди ме, еве мирно ти стојам подобро убиј ме, само немој у појам.
Трн: И кога веќе песната нема крај, за крај дај запеј ми нешто…
Слаткар: Не сум пејачиште иначе би ти запеал.