Сѐ поголем број универзитети, академски институции и научни здруженија ширум светот ја прекинуваат соработката со израелската академска заедница, тврдејќи дека таа е соучесник во постапките на израелската влада кон Палестинците, пишува Guardian.
Според податоци на Министерството за здравство во Појасот Газа, над 63.000 луѓе се убиени – најголемиот дел цивили – а вистинскиот број на жртви веројатно е многу поголем. Експерти на ОН потврдија дека делови од Газа се погодени од „вештачки предизвикана“ глад, при што цели области се претворени во урнатини.
Прекинување на академските врски
Како одговор, сѐ повеќе академски институции ги прекинуваат врските со израелски универзитети.
Минатата година, Федералниот универзитет Сеара (Бразил) го откажа иновацискиот самит со израелски партнер. Универзитети од Норвешка, Белгија и Шпанија исто така ја прекинаа соработката. Trinity College во Даблин им се придружи оваа година. Универзитетот во Амстердам го укина програмот за студентска размена со Хебрејскиот универзитет во Ерусалим. Европската асоцијација на социјални антрополози соопшти дека нема да соработува со израелски институции и ги повика своите членови да постапат исто.
Иако не сите универзитети го поддржуваат генералниот академски бојкот, овој тренд ја одразува загриженоста околу блиските врски меѓу израелската академија и армијата/државата.
Поделени мислења во Европа
Стефани Адам од Палестинската кампања за академски и културен бојкот на Израел изјави дека израелските академски институции се соучесници во „децении долг режим на воена окупација, колонијален апартхејд и сега геноцид“. Таа смета дека постои морална и правна обврска универзитетите да ги прекинат врските со овие институции.
Во Обединетото Кралство, Франција и Германија, малку институции отворено најавиле прекин на соработка.Организацијата Universities UK и Кралското друштво се изјасниле дека не поддржуваат академски бојкот, повикувајќи се на академската слобода.
Нобеловецот Венки Рамакришнан, поранешен претседател на Кралското друштво, вели дека има поделени чувства:
„Израелските напади врз Газа се крајно несразмерни и нанаесоа огромна штета на цивилите. Но, многу израелски академици што ги познавам се против владата и сочувствуваат со Палестинците. Бојкотот би ги казнил токму тие луѓе.“
Илaн Папе: Академијата е дел од репресијата
Израелскиот историчар Илан Папе не се согласува со тврдењата дека академиците сочувствуваат со Палестинците:
„Да беше така, ќе ги гледав на протестите – но не се таму. Мнозинството не одбива служба во војска. Тие предаваат курсеви за тајни служби, полиција и државни агенции кои секојдневно ги угнетуваат Палестинците.“
Тој смета дека академскиот бојкот е „строга, но неопходна порака“ за одговорноста на академските институции во 77-годишниот репресивен систем.
Универзитетските управи го блокираат бојкотот
Гасан Сулејман Абу-Ситах, британско-палестински хирург и ректор на Универзитетот во Глазгов, вели дека иако многу студенти и академици во Британија бараат бојкот на Израел, управите на универзитетите ги блокираат тие иницијативи.
„Моралната осуда на израелските постапки ги тера академиците поединечно да одбиваат проекти со израелски партнери“, изјави тој.
Последици по израелската академија и економија
Иако некои претставници од израелските универзитети тврдат дека бојкотот сè уште нема голем ефект, експертите предупредуваат дека ширењето на овој тренд би можело сериозно да ги погоди. Израел има тесни врски со американски и европски истражувачки институции. Постојат ризици од губење на финансирање. Од 2021 г. Израел добил 875,9 милиони евра преку програмата Horizon Europe. Во јули, Европската комисија предложи делумна суспензија на учеството на Израел во програмата. Иако засега тоа е малку веројатно (бидејќи 10 членки на ЕУ се против), постои страв дека Израел ќе биде исклучен од новата програма што почнува во 2028 г.
Во мај 2024, израелската влада одвои 22 милиони евра за борба против бојкотот. Но, учеството на израелските истражувачи во европски проекти веќе е во опаѓање.
Страв од „одлив на мозоци“
Во 2025 година, само 10 млади израелски истражувачи добиле престижни европски грантови – за разлика од 30 во 2024 г. Се стравува дека прекинот на соработките и финансиските тешкотии ќе доведат до масовно заминување на научници од Израел, особено во чувствителни области како медицината.
Иако многумина тврдат дека академијата не треба да биде цел, некои аналитичари велат дека:
„И самата закана од академски бојкот е доволна за да ја натера израелската влада да стави крај на овој геноцид“, порача Абу-Ситах.