18-часовен протест во Ниш – симбол на отпор и одлучност

Несомнено, во сабота, на 1 март, српската престолнина ќе биде градот Ниш, кој го очекува најголемиот собир во својата историја. Подготовките за протестот „Студентски едикт“ се во полн ек, а програмата, која започнува во 9 часот наутро со протестна прошетка, потоа со помен за настраданите во Нови Сад, ќе продолжи со говори, претстави и различни изненадувања за сите присутни граѓани. Завршетокот е планиран дури во 3 часот наутро, на 2 март, со последната активност – чистење на улиците.

Жителите на Ниш и околните места со денови се самоорганизираат, подготвуваат сместување за студентите и сите што ќе дојдат да го поддржат протестот.

„Мислам дека ова ќе биде најголемиот протест што Нишлиите некогаш го виделе, но и целата наша земја. Се акумулира доволно позитивна енергија што ја носат студентите, а народот ја прифати. Ова ќе биде пример за солидарноста на луѓето и нивната желба за исполнување на барањата. Со тие четири барања се покажува токму стремежот да живееме во нормална држава, во која постои поделба на власта и нема злоупотреба на институциите во политички цели. Корупцијата е најтешката болест на едно општество, а кога ќе достигне вакви размери, покривите можат да паѓаат било кога и било каде“, изјави за Nova.rs професорката Наталија Јовановиќ, декан на Филозофскиот факултет во Универзитетот во Ниш.

„Колеги професори од Белград веќе ни најавија дека ќе дојдат во сабота, од различни факултети. Ова ќе биде фестивал на добрата волја, по кој очекуваме значајни промени. На протестот ќе има театарски претстави, говори на студентите и разни изненадувања. Ќе воведеме нови правила што ќе ги постават студентите и што ќе важат во едно ново и нормално општество“, истакнува професорката Јовановиќ.

Протестот ќе започне во 9:00 часот со собирање на четири локации во градот. Собраните ќе тргнат во протестна прошетка во 11:00 часот кон Плоштадот на кралот Милан, каде што во 11:52 ќе се оддаде почит на жртвите од трагедијата во Нови Сад.

Главната програма започнува во 12:07 часот и вклучува театарска претстава („Устав“ во 13:00), музички настапи (бендот „Мембрана Тимпани“ во 16:00 и „Бунт“ во 21:00), како и главниот настан „Точкест софтвер“ во 17:52.

Во 18:00 часот ќе следуваат говори, студентски перформанси и хорски настапи. Втора почит за жртвите е предвидена во 23:52, а на полноќ започнува акција за чистење на улиците.

Протестот официјално ќе заврши во 3:00 часот наутро.

„Ниш ќе биде епицентар на студентскиот отпор“

„Време е сите да слушнат. Време е сите да видат. Секој збор, секој глас, секој чекор – се дел од промената што ја градиме. Ова не е обичен протест. Ова е наш едикт, нашата одлука да се бориме за систем што го вреднува знаењето, правдата и слободата“, стои во известувањето на НГС.

Организаторите нагласуваат дека 18-часовниот протест не е само бројка, туку симбол на отпорот и одлучноста.

Во симболична имитација на индексот на студентите, во кој е запишана програмата, начинот на финансирање е наведен како „самофинансирање“, а во потпис стои – „студенти“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни