Денес, во Библиотеката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, се одржа завршниот настан на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) на тема „Од истражување до акција: Полиси-брифови за одлив на мозоци и младинска невработеност во Западен Балкан“.
На настанот учествуваа млади истражувачи од Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Албанија и Србија — по двајца претставници од секоја земја, кои ги презентираа резултатите од своите истражувања развиени во рамки на RYCO Research and Mentorship Program, поддржана од Австриското сојузно министерство за европски и меѓународни работи.
Преку оваа програма, младите истражувачи имаа можност да развиваат политички ориентирани истражувања за најгорливите регионални предизвици – одливот на мозоци и младинската невработеност. Во текот на неколку месеци тие работеа под менторство на академици и експерти од регионот и од Европската Унија, спојувајќи теорија, анализа и препораки за јавни политики.
На финалниот настан беа презентирани два полиси-брифа:
- „Спротивставување на трендот: Политички предизвици и одговори на одливот на мозоци во Западен Балкан“
- „Од неусогласеност до регионална координација: Усогласување на имплементацијата на Гаранција за млади во Западен Балкан“
Настанот беше проследен со отворена дискусија и Q&A сесија со студенти, граѓански организации и академската заедница, при што беа разменети идеи и предлози за подобрување на регионалните младински политики и креирање системски решенија што ќе ја зајакнат позицијата на младите во општеството.

Според RYCO, оваа иницијатива претставува пример за регионална солидарност и вмрежување на новата генерација истражувачи од Западен Балкан, кои преку соработка и размена на знаење градат поинклузивни и функционални младински политики.
Настанот во Скопје следеше по претходната студиска посета на младите истражувачи во Грац, Австрија, каде тие ги развиваа своите истражувачки концепти во соработка со академски институции и експерти, како дел од напорите на RYCO за создавање регионална мрежа на млади истражувачи и носители на промени.
