Младинскиот културен фонд за Западен Балкан на Регионалната младинска канцеларија за соработка (RYCO) финансира проекти кои ги поврзуваат млади луѓе од шест земји: Македонија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија. Двe македонски организации — РРОМА и Купола — го искористија фондот за проекти кои излегоа далеку надвор од границите на главниот град.
Изложба за ромскиот геноцид стигна до пет градови
Организацијата РРОМА, преку поддршка од фондот, реализираше патувачка изложба посветена на меморализацијата на ромскиот геноцид во Втората светска војна. Изложбата беше прикажана во пет градови во североисточниот регион, а потоа и во Србија, каде што беа партнерите на проектот.
„Повеќето културни настани се сконцентрирани во Скопје. Фондот навистина ни помогна да излеземе надвор од тој шаблон”, вели Емилија Пановска од РРОМА.
Според неа, клучно е тоа што младите не биле само учесници, туку активни креатори на целиот процес.
Грантот кој гради сцена, не само проект
За Дамјан Читкушев од Купола и Фестивалот Вртешка, вредноста на ваквата поддршка оди подалеку од финансиите. „Ваквиот тип на грантови се важни не затоа што поддржуваат проекти, туку затоа што отвораат можност за реална, послободна и поврзана културна сцена”, истакнува тој.
Читкушев додава дека искуството со фондот покажало дека регионалната соработка може да биде конкретна: луѓето се среќаваат, ги споделуваат идеите и заеднички создаваат приказни кои имаат смисла.
Десет години RYCO
Младинскиот културен фонд е дел од поширокиот мандат на RYCO, која оваа година слави десет години од основањето. Шерифе Исмаили, проектен менаџер на фондот, потенцира дека програмите не се само финансиска поддршка — туку простор каде предрасудите паѓаат кога младите почнуваат да работат заедно.
„Нема повеќе стари наративи кога луѓето се запознаваат, се дружат и работат на заеднички проекти. Тоа е основата за поодговорно и покохезивно општество на Западен Балкан”, вели Исмаили.