Злоупотреба во односите со туристичките агенции
Италијанската управа за заштита на конкуренцијата AGCM соопшти дека Ryanair намерно го искомплицирал процесот на резервирање летови за туристичките агенции преку својата интернет-страница, практика која била евидентирана од април 2023 година до најмалку април годинава.
Казната е изречена на Ryanair DAC и на неговата матична компанија Ryanair Holdings PLC.
„По сложена истрага, утврдено е дека Ryanair воспоставил комплексна стратегија која влијаела врз онлајн можноста и традиционалната пракса на туристичките агенции да резервираат летови на ryanair.com“, се наведува во соопштението на AGCM.
Според надзорното тело, стратегијата „блокирала, попречувала или значително ги отежнувала“ ваквите резервации, или ги правела економски и технички неповолни, особено кога станувало збор за комбинирање со летови на други превозници и со дополнителни туристички или осигурителни услуги.
„Затоа, надзорниот орган заклучи дека, барем до интеграцијата на API-системот, однесувањето на Ryanair можело и реално влијатело врз продажбата на туристичките агенции и нивната способност да привлечат онлајн сообраќај“, се додава во одлуката.
Ryanair најави жалба
Како одговор, Ryanair соопшти дека веднаш ќе поднесе жалба против, како што ја оцени, „правно неоснованата“ одлука и казната на AGCM.
„Ryanair, европската авиокомпанија број еден, денес (вторник, 23 декември) им наложи на своите адвокати веднаш да поднесат жалба против бизарната и неточна пресуда и против казната од 256 милиони евра, која неправедно ја изрече италијанската управа за заштита на конкуренцијата“, соопшти ирскиот превозник.
Компанијата посочи дека одлуката ја игнорира пресудата на Судот во Милано од јануари 2024 година, со која било утврдено дека моделот на директна дистрибуција на Ryanair „неспорно им користи на потрошувачите“ и овозможува „конкурентни цени“.
„Неоснованите обиди на AGCM да го редефинира периодот по пресудата на Судот во Милано и погрешно да тврди дека Ryanair има доминантна позиција во воздушниот сообраќај кон и од Италија ќе бидат поништени“, наведоа од компанијата.
„Оваа пресуда и казна се правно неиздржани и ќе бидат укинати во жалбената постапка“, додадоа од Ryanair.
Извор: Index.hr