Ружица Мандичевскa – Руки Чуки: Во Скопје ми недоставува млада, гласна и упорна сила

Јас засекогаш ќе бидам поврзана со Македонија и тоа е супер :) Бев доволно инспирирана од градот пред неколку години и ја издадов мојата прва илустрирана интерактивна книга за деца „Здраво Скопје“. Книгата е приказ на мојот живот таму и одличен дневник за моите деца што живеат и растат овде. Многу е важна таа конекција со Македонија за мене
Руки Чуки

Уметноста е живописен разговор со градот, а муралите се неговите најгласни изрази. Со „Тука сум, на фонтана“, уметницата Руки Чуки носи нова сцена полна љубов и бои на фасадата спроти влезот на Градскиот парк во Скопје, кај фонтаната Лотос. Ова дело не е само визуелен украс; тоа е носталгичен повик кон детството, спомените и духот на градот што ја инспирирал.

Во ова интервју, Руки Чуки ни открива што ја поттикнува да твори, како урбаната уметност ја обликува современата културна сцена, и зошто е важно да останеме поврзани со местото од каде потекнуваме. Ќе зборуваме за Лондон, за Скопје, за уметноста како начин на изразување – и за моментот кога улицата станува платно за емоции и идеи.

Tрн: „Тука сум, на фонтана“ е твојот нов мурал кој ја краси фасадата на една од зградите спроти влезот на Градскиот парк во Скопје, кај фонтаната Лотос. Која е приказната која ја раскажува муралот?

Руки Чуки: „Тука сум, на фонтана“ е колористичен приказ на „моето Скопје, на фонтана“ 🙂 симбол на моето детство, на љубов, на милион спомени од оваа локација. Во мој стил се обидов да прикажам една сцена полна љубов и бои и беше супер прилика и огромно задоволство да бидам „тука“ во Скопје, покрај фонтана – и кога не сум.

Посебно сум среќна што и „ХалкЕЗ“ ја користи фонтаната Лотос како симбол во нивниот брендинг и што на крај се убаво се совпадна – приказната, локацијата, брендот и мојата илустрација.

Tрн: Долги години живееш во Лондон. Што за тебе значи да бидеш дел од урбаната култура на една метропола како Лондон? Дали чувствуваш слобода или предизвици во јавниот простор?

Руки Чуки: Разликата е огромна во однос на живеење пред сѐ во Скопје и во Лондон, така што сѐ е поинакво, но не е ниту подобро ниту полошо, туку поинакво 🙂

Во Лондон веќе имам изработено еден мурал од ваков тип, се соочував со други предизвици овој период и некако го гледам ова како почеток на една друга креативна фаза. Поминав низ многу вакви фази, кои што сметам дека се нормални, и ме радува дека креативецот во мене не престанал да истражува. Не сум била досега активна во јавен простор како во Скопје, но за мене поважна била потребата за креативно изразување повеќе отколку изборот на медиум.

Tрн: Што сакаш да пренесеш преку твоите дела?

Руки Чуки: Во моментов работам дигитална илустрација. Најчесто моите илустрации се инспирирани од вистините на една жена, мајка или секоја индивидуа затекната во улогите на секојдневието. Се обидувам да останам позитивно колористична кога работам било каква тема, мислам дека тоа е мојот печат. Не сакам ништо посебно да пренесам – убаво ми е кога знам дека не сме сами.

Tрн: Како изгледа сцената за улична уметност во Лондон денес? Дали постои поддршка за млади уметници или сè уште се бори за легитимност?

Руки Чуки: Свестни сме дека сè е поинакво веќе насекаде, сè некако се модификува. Има огромна визуелна разлика од тоа како изгледал Лондон сега и пред 9 години. Во однос на графити културата, приказната е секогаш таа – дали е тоа Скопје или Лондон не прави некоја разлика затоа што активните цртачи си се активни и тоа е тоа.

Лондон доста работи за сите останати улични интервенции како мурали и скулптури, на пример, и поддржува уметници, млади, стари, секакви 🙂 Има многу отворени повици, фестивали, и тој дел не е во изумирање. Конкуренцијата е огромна, но сигурна сум дека упорноста игра главна улога. Градот е вистински и искрено отворен за предлози, идеи и проекти од овој тип.

Tрн: Колку е важно за тебе да останеш поврзана со Македонија? Дали твоето потекло се појавува на некој начин во твојата уметност?

Руки Чуки: Јас засекогаш ќе бидам поврзана со Македонија и тоа е супер 🙂 Бев доволно инспирирана од градот пред неколку години и ја издадов мојата прва илустрирана интерактивна книга за деца „Здраво Скопје“. Книгата е приказ на мојот живот таму и одличен дневник за моите деца што живеат и растат овде. Многу е важна таа конекција со Македонија за мене.

Потеклото не е некој огромен дел од мојата уметност во моментов, но секој град е инспирација сама за себе – и Лондон и Скопје – што е одлично.

Tрн: Урбаната уметност често се смета за дел од супкултурата. Како ја гледаш оваа супкултура денес – дали се менува, исчезнува или станува дел од мејнстримот?

Руки Чуки: Секогаш ќе постои таа алтернативна сцена. Како што кажав – светот можеби се менува, но треба и ние да се модифицираме и да сме отворени за промени. Промените знаат да бидат здрави.

Tрн: Што мислиш, како графитите и уличната уметност влијаат на младите – како начин на изразување, отпор, или само како визуелна возбуда?

Руки Чуки: Го зборувавме ова со пријатели во Скопје сега скоро, и некако не добив впечаток дека бројката на луѓе што сакаат да се инволвирани во ваков тип на проекти – мурали, отворени повици или фестивали – значително расте. Поготово како иницијатива. А можеби и сè се движи полека, што не е никаков проблем – се додека се движи.

Младите треба да има што да гледаат, за да може да сакаат, да експериментираат и слично – и тоа да биде повеќе од визуелна возбуда.

Tрн: Се враќаш често во Скопје. Што му недостасува на градот и што тебе лично ти недостасува?

Руки Чуки: Мене лично – млада, гласна и упорна сила.

Tрн: На што работиш моментално и што би сакала да оставиш зад себе како уметница – и на ѕидовите и во свеста на луѓето?

Руки Чуки: Моментално работам на многу проекти и не можам баш да се фокусирам на своите задачи како веб-сајт, книга и слично. Тоа мора да влезе во приоритетите. Исто, оваа година сакам да пробам некој поинаков медиум, па малку да експериментирам и со тоа – и си посакувам уште некој мурал.

Ух, не би размислувала многу за „позади себе“… би сакала да гледам напред во овој период 🙂

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни