Ружица Антиќ не ја гради својата професионална приказна низ трендови, туку низ избори. Како основачка и главна уредничка на Portret.digital, таа повеќе од една деценија опстојува во медиумскиoт простор. Од печатено издание до дигитална платформа и видео продукција, нејзината работа е обележана со јасна уредничка етика, доследност и отпор кон компромиси што ја разјадуваат суштината на медиумите. Во ова интервју, Антиќ зборува отворено за предизвиците на авторската независност во дигиталната ера, за позицијата на жените во медиумската индустрија, за постојаната потреба од надградување и за личниот баланс меѓу лидерството, мајчинството и креативната одговорност. Ова интервју е приказна за истрајноста, изборите и вербата дека автентичните приказни секогаш ќе го најдат својот пат до публиката.
Трн: Приказна за „Портрет“ започна во 2015 година со првото испечатено издание. Кои се најзначајните моменти што го обликуваа идентитетот на магазинот од тогаш до денес?
Ружица: Портрет започна како месечник за лајфстајл, пред 11 години, во време кога бавниот ритам на печатот сè уште овозможуваше длабочина, контекст и уредничка мисла. Со текот на годините, заедно со промените во медиумските навики и дигиталната култура, Портрет органски прерасна во дигитална платформа – веб сајт, Инстаграм профил и видео продукција – задржувајќи го истото уредничко јадро: раскажување релевантни приказни со смисла и став. Во фокусот отсекогаш била македонската културна сцена, со посветеност кон еминентни уметници, но и кон нови, талентирани автори и почетници, чиј глас допрва се оформува. Промените низ кои поминуваше Портрет беа постепени и свесни, водени од желбата да останеме автентични, додека постојано го прошируваме форматот, јазикот и начинот на комуникација со публиката. Развојот на видео продукцијата за социјални мрежи дојде како логичен и природен одговор на потребите на нашите клиенти – продолжение на истата уредничка филозофија, прилагодена на новите медиумски канали и начини на консумирање содржина.

Трн: „Портрет“ дава простор за човекови права и индивидуалност. Колку е тешко да се балансираат културни, уметнички и социјални теми во еден магазин?
Ружица: Како медиум, „Портрет“ не ја негува идејата дека во нашата земја недостасува квалитет и талент – напротив, веруваме дека тие постојат, но често остануваат надвор од фокусот на јавноста. Затоа доследно создаваме простор за луѓе чие дејствување или творење носи вредност, смисла и интегритет. Културните, уметничките и општествените теми кај нас се поврзуваат преку внимателно раскажани приказни што отвораат дијалог, поттикнуваат критичко размислување и ја нагласуваат важноста на индивидуалниот глас. Секогаш сме отворени да отстапиме место и да работиме на теми што создаваат било каква позитивна промена.
Трн: Кои се најголемите предизвици при одржување на авторски независен медиум денес, особено во ера на дигитализација и брзопроменлива културна сцена?
Ружица: Најголемиот предизвик за авторски независен медиум денес е да ја задржи сопствената етика и естетика во услови на постојана промена. Иако печатеното издание беше нашата првична дејност, глобалното зголемување на цената на хартијата по пандемијата, заедно со променетите навики на публиката, наметнаа потреба од преиспитување на форматот и акцентите. Дигиталната ера не донесе само нови платформи, туку и драстично скратено внимание, особено кај помладите генерации, што бараше од нас да дејствуваме и да го насочиме медиумот кон дигитална платформа, преку portret.mk, како простор за континуирана, релевантна и авторска содржина. Паралелно со тоа, развојот на други форми на раскажување стана неопходен. Преминот кон комерцијална и уметничка видео продукција за социјални мрежи беше дополнителен предизвик, бидејќи веќе негувавме препознатлива естетика од периодот кога „Портрет“ постоеше како печатен медиум со редовни модни едиторијали. Најважниот процес беше да се најде начин таа естетика и вредносен систем да се преведат во нови формати, без губење на авторскиот интегритет и независноста што отсекогаш го дефинирале медиумот.
Трн: Кои се најголемите професионални предизвици со кои ти лично се соочуваш како жена во медиумската индустрија?
Ружица: Како општество, сè уште живееме во средина во која жените, без разлика на професијата, често се потценети, етикетирани и поставени во нерамноправна позиција. Медиумската индустрија не е исклучок од тој контекст. Токму затоа, отворањето на овие прашања за нас отсекогаш било важно – не како декларативен став, туку како континуирана пракса и одговорност. На лично ниво, со годините научив да бидам поотпорна, но и појасна во својата позиција. Денес, најголем предизвик ми е постојаната потреба за надградување – учење нови вештини, следење на дигитализацијата и развивање бизнис размислување, бидејќи мојата професионална улога денес значително се разликува од онаа пред пет или десет години. Во мала организација, една позиција ретко останува иста, а честопати се трансформира во неколку различни улоги истовремено. Паралелно со тоа, чувствувам лична одговорност да ги охрабрувам жените што ги среќавам – да се залагаат за себе, за својата работа и за своето место, без извинување.

Трн: Како го одржуваш мотивот и оптимизмот во услови на стрес и предизвици?
Ружица: Сите што ме познаваат знаат дека по природа сум весела и оптимистична, но тоа не го доживувам како случајна особина, туку како свесен избор. Во услови на стрес и предизвици, мотивот не секогаш доаѓа сам по себе, но оптимизмот за мене е одлука што ја носам секој ден – одлука да се појавам, да продолжам и да не дозволам околностите целосно да го диктираат мојот секојдневен ритам. Имам три деца на различна возраст и водам приватен бизнис без фиксно работно време, што значи дека границата меѓу личното и професионалното речиси и не постои. Токму затоа, секое утро свесно избирам да се појавам таму каде што сум потребна – ако не секогаш мотивирана, тогаш барем присутна, отворена и со ведрина. Верувам дека тој став не ги поништува тешките моменти, но им дава смисла и простор полесно да се надминат.
Трн: Кои се клучните карактеристики што една жена треба да ги поседува за да успее денес?
Ружица: Мислам дека веќе има премногу товар и очекувања ставени на грбот на секоја жена, па не би додавала уште една листа на „карактеристики“ што треба да ги поседува за да успее. Притисокот постојано да се биде поубава, подобра и посилна верзија често доаѓа од надвор, но со текот на времето станува и внатрешен. Дополнително, успехот за мене е длабоко индивидуална категорија и свесно избегнувам да го врамувам или да го дефинирам на универзален начин. Она што за една жена значи исполнетост и успех, за друга може да биде нешто сосема различно. Можеби најважно е секоја жена да си дозволи сама да го постави својот ритам, приоритети и граници — без извинување и без потреба постојано да се вклопува во туѓи дефиниции.

Трн: Како успеваш да балансираш помеѓу работата која нема фиксно работно време и семејниот живот?
Ружица: Балансот меѓу семејниот живот и работата без фиксно работно време не се наоѓа преку ноќ, ниту како готова формула. Тој е процес во кој многу учам — и од сопствените грешки, и од искуствата на другите. Со текот на времето сфатив дека совршен баланс не постои, но постои свесно управување со енергијата и приоритетите. Во последниот период, се водам од јасно поставени дневни приоритети — работи што мора да се завршат во текот на денот и кои за некого можеби се базични и подразбирливи. Се држам до нив со дисциплина, а за сè останато важи едноставно правило: ако успеам да стигнам — одлично, ако не — утре е нов ден. Тој пристап ми помага да останам функционална, без постојано чувство на вина и притисок.
Трн: Кои вредности посебно се трудиш да пренесеш на вашите синови и од друга страна што е најважната лекција што твоите деца те учат секојдневно?
Ружица: Најважната лекција што се обидувам да им ја пренесам на моите деца е дека и јас, исто како и тие, првпат сум мајка во овој живот и дека учиме заедно, секојдневно. Не тежнеам кон совршенство, туку кон вредности — пред сè, да бидат добри луѓе, со емпатија, одговорност и почит кон другите.
Не се сметам за строг родител, но се сметам за посветена и поддржувачка мајка. Важно ми е јасно да знаат кое однесување не ми е прифатливо, исто колку што ми е важно да разберат кон каков живот и какви луѓе сакам да растат. Паралелно со тоа, тие секојдневно ме учат мене — особено на тоа дека не мора секогаш да бидам строга кон себе и дека понекогаш најголемата лекција е да си дозволиш и за себе повеќе љубов и разбирање.
