На пленарната седница на Пролетното заседание на Парламентарното собрание на НАТО во Дејтон, САД, Руте изјави дека на следниот самит во Хаг, што ќе се одржи следниот месец, лидерите на земјите членки ќе донесат одлуки кои ќе го направат НАТО поефикасен и поподготвен за соочување со актуелните и идни предизвици.
– Се наоѓаме во критичен момент за глобалната безбедност. Сведоци сме на бруталната руска агресија врз Украина, на заканите од тероризам, на засилена глобална конкуренција и жаришта од Блискиот Исток до Азија – рече Руте.
Тој потсети дека токму во Дејтон, пред 30 години, беше потпишан мировниот договор кој го означи крајот на војната во Босна и Херцеговина, со што беше воспоставена основата за мир во регионот.
– НАТО три децении поддржува стабилност на Западен Балкан, и нашата посветеност останува силна и денес. Но, и натаму, напредокот зависи од народите и лидерите во регионот – истакна тој.
Руте нагласи дека Европа денес не е во мир затоа што Русија повторно донесе војна на континентот. Според него, агресијата мора веднаш да запре.
Тој најави дека НАТО ќе продолжи со долгорочна поддршка за Украина, со јасна порака дека тоа не значи продолжување на конфликтот, туку обезбедување на нејзината способност да се одбрани и да се спречи нова агресија.
– Русија сега е сојузник со Кина, Северна Кореја и Иран. Тие ги засилуваат своите воени капацитети и се подготвуваат за долгорочна конфронтација. Затоа, НАТО мора да се подготви уште сега, одлагањето е опасно – предупреди Руте.
Тој најави зголемување на одбранбените буџети на земјите членки и рече дека на состанокот на министрите за одбрана следната недела во Брисел ќе биде договорено значително зголемување на инвестициите во одбраната.
– Повеќето сојузници ќе го достигнат прагот од 2% од БДП за одбрана оваа година, а многумина планираат да одат и подалеку. Ја финализираме стратегијата со која значително ќе се зголеми одбранбената потрошувачка во 2025 година – рече Руте.
Овој план предвидува повеќе средства за воени потреби, модернизација на инфраструктурата, како и проширување на индустриската база за одбрана во сите земји членки. Тој апелираше до парламентарците да обезбедат поддршка од јавноста и одобрување на потребните буџети.
– Ќе продолжиме да ги поттикнуваме иновациите, да ги отстрануваме бариерите за соработка и да го балансираме товарот на безбедноста меѓу сите сојузници – рече Руте и додаде дека силната трансатлантска врска е од корист и за Европа и за САД.
Во завршницата на своето обраќање, Руте истакна дека НАТО секогаш ќе остане одбранбен сојуз.
– Кога зборуваме за „поубоен НАТО“, зборуваме за засилување на способноста за одвраќање и за подобрување на безбедноста на нашите земји. Нашата решителност е јасна – ќе направиме сè што е потребно за да спречиме било каква агресија. Подготовките за војна се неопходни токму за да се зачува мирот – заклучи Руте.